Новиот концепт на земјоделско осигурување кој го работи МЗШВ предвидува формирање на осигурителен пул, чија цел ќе биде осигурување на земјоделското производство на сите земјоделци. МЗШВ информираше дека се работи за брзо и подобро системско решение преку кое земјоделците исплатата на настанатата штета ќе ја добиваат во текот на истата година кога е настаната. Токму на оваа тема разговаравме со Надица Јовановска Бошковска, Извршен проектен директор на Еуропа РЕ, Швајцарија, која вели дека за ублажување на потенцијалните катастрофални финансиски загуби на земјоделците многу важна мерка е земјоделското осигурување како финансиска заштита.
-Климатските непогоди претставуваат сериозна закана за земјоделското производство. Нашата земја ги следи светските искуства и се стреми кон воспоставување на земјоделски осигурителен систем со цел да се заштити земјоделското производство. Каков е интересот на земјоделците за осигурувањето? Што најчесто осигуруваат? Дали може да се каже дека нашата земја има воспоставена култура за земјоделско осигурување?
Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство. Со години земјоделците се соочуваат со влијанието на неповолните временски настани, како град, ран мраз, поплави, суши итн. кои влијаат врз нивниот принос. Токму затоа сметам дека осигурувањето како финансиска заштита од непредвидливите временски непогоди, претставува битна мерка за ублажување на потенцијалните катастрофални финансиски загуби на земјоделците, вели Јовановска Бошковска и додава дека на македонскиот осигурителен пазар долги години се нуди земјоделско осигурително покритие.
„Паралелно на тоа, државата во рамки на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството има воспоставена мерка т.н. Помош во премии и осигурување, преку која кофинансира 60% од премијата односно до 150.000 ден во апсолутна вредност. Целта е токму поддршка и поттик на земјоделците како и нивна финансиска заштита. Сепак, во реалноста се соочуваме со околу 4% осигурени земјоделци т.е. многу мал интерес од страна на земјоделците за осигурување на нивниот посев, плод, животно. Па оттука сметам дека, за сектор кој е ранлив на временските непогоди како најповолно решение кое несомнено ќе влијае врз заштитата, довербата и сигурноста на земјоделецот е воспоставувањето на земјоделски осигурителен систем каде главни чинители на тој систем ќе бидат државата, земјоделците и осигурителните компании“, истакнува Јовановска Бошковска.
-Кои се придобивките од воспоставување на земјоделскиoт осигурителен пул?
„Воспоставувањето на земјоделски осигурителен систем има многу придобивки за земјоделците и целокупната економија. Некои од нив се: 1) финансиска заштита од загуби поради природни непогоди, 2) унифицирани услови, 3)ниски тарифи, 4)субвенционирана премија, 5)брза исплата на штета и 6) дисперзија на ризик. Токму овие придобивки се срочени во системското решение кое го предлага Владата, и се надевам заедно со земјоделците и осигурителните компании ќе успеат успешно да го реализираат“, вели Јовановска Бошковска.
Според неа, нашата земја ќе добие успешен систем за земјоделско осигурување од една страна и заштитени земјоделци од друга страна само доколку биде граден врз база на доверба, ефикасност и пазарни правила.
„Успешен систем за земјоделско осигурување се воспоставува само доколку сите чинители кои и претходно ги споменав, државата, земјоделците и осигурителните компании заеднички го градат врз база на доверба, ефикасност и пазарни правила. Во светот има повеќе слични примери на успешно воспоставени земјоделски осигурителни системи и тоа, Турскиот ТАРСИМ, Шпанскиот, Агросигуро, Пулот во Азербејџан, Израел, итн. Сите тие имаат свои специфичности, но едно е заедничко обезбедување на финансиска заштита на земјоделското производство базирана на доверба и соработка“, истакнува Надица Јовановска Бошковска, Извршен проектен директор на реосигурителата компанија – Еуропа РЕ, Швајцарија.
извор Бриф