9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СТАВМАКЕДОНИЈА

Македонија ги освои Софија, Тирана и Солун, културните коридори си работат

Зоран БОЈАРОВСКИ

Коридорите на културната соработка на земјите од Балканот се ставени во полна функција, а Северна Македонија е на крстопатот на поврзувањето и лидер на иницијативите што со огромен интерес ги прифатија сите соседни земји.

Ова е апсолутно точен опис на она што се случува во последниот период со исклучително заначајните настапи на македонските културни дејци во големите духовни центри во регионот.

Да неведеме само некои од овие настапи што беа организирани само во последните десеттина дена: Битолскиот театар имаше триумфален настап во Тирана, македонските писатели во Софија изгерадија уште еден мост на поврзување со нивните бугарски колеги, гостувањето на Румена Бужаровска по повод промоцијата на нејзината книга „Мојот маж“ преведена од македонски на грчки, беше прогласено за најуспешен настан на Саемот на книгата во Солун, изложбата на Сергеј Андреевски во Солун ги стави на ѕидот на срамот и на осуда грчките националисти во оваа земја, во Риека, во хрватска, студентите по македонистика ги преведоа на хрватски современите сказни од нашата земја…

„Отворен Балкан“ за отворена културна соработка

Триумфалниот настап на Народниот театар од Битола во Тирана, со претставата „Артуро Уи“, во режија на Ќендрим Ријани, која што и во Албанија и во нашата земја беше оценет како настан на сезоната.

Овој настан ќе биде запишан и како прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија, реализирано во организација на Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија.

– Ова триумфално гостување на ансамблот на Битолскиот театар во Тирана е значаен настан за соработката во сферата на театарот и на културата меѓу двете земји. Македонскиот јазик со актуелен театарски израз прозвучи пред преполниот салон на главната театарска сцена во соседна Албанија, а нашата продукција беше пречекана со искрени емоции, со комплименти и големо пријателство. Сета атмосфера на отвореност и свеченост за нас претставува потврда за квалитетот на екипата од „Артуро Уи“, но е и патоказ кон идните можни начини за соработка во културата. Овој настан ни ги покажува бескрајните можности што се пред нас во насока на зближување и запознавање на културите меѓу двата народа и за креирањето побогата културна слика на овој дел од Балканот, оцени министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, којашто во Тирана го проследи настапот на битолскиот театар и се сретне со нејзината колешка од Албанија Елва Маргарити.

Овој настан е дел од презентацијата на македонската култура во Албанија и доаѓа и како резултат на иницијативите од процесот „Отворен Балкан“, во чии рамки беше потпишан Меморандумот за соработка во културата, што го потпишаа министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија.

– Културата била и секогаш ќе биде мостот и врската помеѓу народите, без разлика дали станува збор за Балканот или пошироко. Важно е тоа да се форсира и да се инвестира во ваквите соработки кои преку сличностите и разликите во културите, дополнително ќе не поврзат. Културната размена е од особено значење за нас како творци, а секако и за публиката, истакна за Рацин.мк директорот на Народниот театар од Битола Иван Јерчиќ.

Дирекорот на македонскиот КИЦ во Тирана Златко Ориѓански на социјалните мрежи напиша дека вчерашниот настап на Битолскиот театар во Тирана бил фантастичен и импресивен.

– Сведочевме триумф на уметноста, отворање на нов уметнички коридор 8, ноќ од историско значење за двете пријателски земји. Публиката аплаудираше цели 15 минути стоејки и поклонувајки се пред нашите извонредни глумци и режисерот Ќендрим Ријани, напиша директорот на КИЦ во Тирана Златко Ориѓански на социјалните мрежи.

Извор Рацин.мк

Спонзорирано: