10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Дерала: На системот и општеството им се потребни коренити изборни реформи, а не континуирано барање за предвремени избори

Актуелноста на една изборна единица не ја одминува ниту оваа предизборна година. Поголемите политичките партии во Собранието излегоа со свои предлози за една изборна единица, изборен праг од пет отсто и отворени листи. И покрај поддршката за една изборна единица, сепак, начинот на нејзино воведување е подолг и комплициран процес.

Од друга страна, идејата не е нова. Уште во времето на режимот на Груевски, таа се чинеше како добро решение и дојде како препорака на ЦИВИЛ.

Од СДСМ, пак, потсетија дека тоа е нешто што тие го заговараа уште во изборната 2016 година. ВМРО-ДПМНЕ, како и неколку други партии, постојано промовираат идеи и предлози за измени во изборниот систем, често контрадикторни едни на други.

„Уште еднаш можеме да видиме дека политичките партии, освен што знаат да си присвојат добри идеи, предлози и знаења, не знаат, и по многу години, да му дадат признание на невладиниот сектор дека, сепак, предлозите потекнуваат од нив. Тоа е една забелешка што ја имаме со години наназад“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг и бројни анализи и истражувања во областа на изборната проблематика.

Според нашиот соговорник, потребно е да се изгради систем, со прецизни, логични и остварливи законски решенија. Дури потоа може да се менува изборниот модел.

„Мора да се изгради системот во насока на прецизни, добри, логични законски решенија кои е возможно да се имплементираат и кои ќе содржат јасни одговорности и мерки за санкционирање доколку не се спроведат. Потоа можете да воведете каков сакате модел и тој ќе може да функционира. Ако ги немате тие премиси, можете каков сакате модел, колку сакате изборни единици да воведете, какви сакате листи, отворени, преференцијални, затворени да воведете – нема да вреди ништо“, категоричен е Дерала.

Потребата од изборни реформи
ЦИВИЛ е дел од Работната група за изборни реформи, информира Дерала, кој додаде дека ставот на организацијата останува непроменет: На системот и општеството им се потребни коренити изборни реформи, иако на политичките партии најлесно им е да привлекуваат внимание во јавноста со прашања кои во моментот не се приоритетни.

„На почетокот мора да работиме напорно на решенија кои се поврзани со политичката култура, гласачката култура, политичката корупција, медиумското покривање, политичкото финансирање, начинот на гласање, да се изградат законски решенија кои се логични, лесно спроведливи, во кои се гледа кој сноси одговорност и кои се санкциите. Сето ова е многу слаба алка во нашиот законодавен систем, особено во доменот на изборните процеси“, вели Дерала.

Изборните процеси, во случајот со нашето демократско општество во развој, ги вадат на виделина сите проблеми во системот, посочи Дерала во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.

Работната група за изборни реформи, по конститутивната седница најави дека ќе работи на имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на нов Изборен закони. Една од препораките на ЦИВИЛ низ годините е дека е потребен целосно нов Изборен законик, а не овој кој што веќе е ревидиран на 36-37 пати.

Сепак, Дерала смета дека во моментов, работата на Работната група е првенствено да се донесат измени во Изборниот законик, кои ќе решат дел од изборните проблеми, пред сѐ, во интерес на граѓанките и граѓаните, односно гласачите, а за сè останато може да се разговара, дури и да се удрат темелите за нов Изборен законик.

„Не можете да очекувате реални и вистински промени, ако нема консензус, прво во самата Работна група. Уште на првата конститутивна седница можеше да се види дека постојат политички апетити на одредени претставници на политички партии. Тие, сигурен сум дека ќе внесуваат многу шум во работата на Работната група. Сепак, Работната група може да даде одлични решенија, а потоа политичките партии кога ќе седнат во Парламентот ќе се договорат за една или друга работа, што може да нема никаква врска со она што ќе произлезе од Работната група“, предупреди Дерала.

Неодговорноста во барањето за предвремени парламентарни избори
Ставот на ЦИВИЛ е дека предвремени избори се непотребни, го оптоваруваат системот и имаат тенденција да ја вовлекуваат или да предизвикаат политичка криза во државата.

Како што нагласи Дерала во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, најважно е изборните процеси да се спроведуваат во согласност со интересите на граѓанките и граѓаните. За него барањето предвремени избори претставува политичка незрелост и неодговорност.

Изборните реформи на патот кон ЕУ
Акцентот на политичките активности да се стави на уставните измени, препорачува Дерала, доколку сакаме трасираниот европски пат да го следиме во целост, а не на предвремени парламентарни избори по секоја цена.

„Нашиот пат кон ЕУ е зацртан. Повеќе од јасно е дека нашата европска ориентација е на добар пат да се претвори во реалност. Изборните реформи и процеси се дел од еден поширок политички и општествен процес во земјата. Се разбира, сѐ има врска со патот кон ЕУ на земјата. Меѓутоа, не е единствен фактор кој може да влијае на нашиот европски пат. Ние можеме да застанеме на тој пат, ако почнеме со предвремени парламентарни избори, со политички кризи, со блокади во Парламентот, блокади на институциите, ширење дезинформации и пропаганда и подавање на странски влијанија кои се антиевропски и антизападни. Изборните реформи треба да се спроведат, не заради европскиот пат, туку најмногу заради нас самите“, истакна Дерала.

ЦИВИЛ останува посветен на учеството во процесот на подготовка на законските решенија и изборниот процес со предлози за конкретни и остварливи мерки и законски решенија.

Биљана Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети

извор Цивилмедиа.мк

Спонзорирано: