24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ден на културата во сообраќајот

11 мај, од 2015 година, во светот традиционално се празнува како „Ден на културата во сообраќајот“. И РСБСП секоја година се приклучува кон активностите за одбележување на овој значаен ден со цел подигнување на свеста на сите учесници во сообраќајот за законско, етичко и толерантно однесување, со што ќе се постигне и поголема безбедност на сообраќајот на патиштата.

Секој учесник во сообраќајот со своите сфаќања, со движењето и начинот на однесување во сообраќајот директно влијае врз одвивањето и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Притоа, се мисли не само на поседување на вештини за управување со возило, или на познавање на законските правила и прописи, туку и на нивното безусловно почитување и примена. Ваквото позитивно перцепирање на односите во сообраќајот е основната нишка на сообраќајната култура која треба да ја поседува секој учесник во сообраќајот без оглед дали станува збор за пешак, возач на моторно возило, патник, велосипедист, мотоциклист итн.

Сообраќајната култура е дел од личноста на човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот, а се воспоставува уште од најраната возраст. Токму затоа РСБСП посебно внимание посветува на реализацијата на активности наменети за најмладите со цел нивно запознавање со сообраќајот, сообраќајните правила и прописи, како и со одговорното и совесно однесување во сообраќајот, со што ќе се овозможи тие да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот на патиштата. Во таа насока е и континуираната соработка со воспитно-образовните институции во реализацијата на бројни кампањи и активности за издигнување на сообраќајната култура на повисоко ниво со што се создаваат услови за изградба на систем на општествени вредности во кој безбедноста во сообраќајот, културата и етиката во сообраќајот ќе заземат соодветно и значајно место.

РСБСП и во иднина ќе продолжи да реализира превентивно-едукативни кампањи затоа што повисокото ниво на сообраќајна култура е основен предуслов за побезбеден сообраќај, односно за намалување на сообраќајниот метеж, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и настраданите лица во истите.

Затоа, на Денот на културата во сообраќајот, РСБСП упатува апел:
„Да го почитуваме секој учесник во сообраќајот, да бидеме внимателни, одговорни и толерантни, и преку сопствениот пример да придонесеме за развивање на културата и безбедноста во сообраќајот.“