25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Еднакви можности, пристап до пазарот на труд, праведни услови за работа, во сржта на националните политики

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска е во работна посета на Брисел по повод одржувањето на билатералниот скрининг состанок за Поглавје 3.19 – Вработување и социјална политика, кое е дел од Кластерот 3 Конкурентност и инклузивен раст.

Билатералниот состанок започна со тема „Европскиот столб на социјални права“ на која Тренчевска во своето воведно обраќање зборуваше за националните клучни реформи и иницијативи како и предизвици и идни планови во однос на 20-те начела на Европскиот столб за социјалните права. Таа посочи дека, овие начела кои ја претставуваат Општата стратегија за посилна социјална Европа се интегрирани и се гарантираат во нашиот правен поредок, Уставот и законите.

„Еднаквите можности, пристап до пазарот на труд, праведни услови за работа и инклузивност се во сржта на националните политики и законодавство и тие се насочени кон создавање на праведна и одржлива економија, која ја искоренува сиромаштијата, кон подобрување на животниот стандард на граѓаните, а особено на најранливите категории на граѓани“ истакна Тренчевска.

Се осврна на областа „Вработување и социјална политика“ која е динамична област и во континуитет се врши усогласување со европското законодавство и практики.

„Подготвивме нов Закон за работните односи, со кој се унапредува правната рамка за заштита на правата на работниците. Законот ќе биде усогласен со европското право и меѓународните трудови стандарди. Овој закон се подготвуваше низ широк процес на учество и консултации на сите релевантни субјекти, вклучувајќи ги организациите на работодавачи и синдикатите, судии, академската заедница и останати засегнати страни,“ истакна Тренчевска.

Зборувајќи за новиот Закон за работните односи, министерката ги потенцираше клучните новитети во оваа областа како што се новите форми на договори за вработување, уредување на транспарентни и предвидливи услови за работа, и создавање на достоинствени работни места, еднаквите можности на работниците со семејни обврски, воведување на татковско и родителско отсуство и друго. Таа се осврна на ефикасно функционирање на социјалниот дијалог на сите нивоа, политиките за вработување на млади, младинската гаранција, вработувањето на Ромите, долгорочно невработени ниско- квалификуваните, и лицата со попреченост како приоритетни цели.

„Социјалната економија вградена во стратешките и владините приоритети ја препознаваме како огромен потенцијал за социјална интеграција и работно интегрирање на ранливите групи на граѓани на пазарот на трудот,“ рече Тренчевска и додаде дека министерството работи на Закон за социјални претпријатија кој ќе ги уреди основните карактеристики на социјалните претпријатија, начелата и заедничките вредности на делување.

Министерката зборуваше и за реформите во областа на социјалната вклученост и заштита. Се осврна на социјалната помош која е редизајнирана во Гарантирана минимална помош, со цел да се задоволат минималните егзистенцијални потреби за сите што немаат доволно средства за живот. Потоа инвестиции во детската заштита и обезбедување на поголема пристапност во предучилишно воспитание. Успешното спроведување на Националната стратегија за деинституционализација 2027 година лицата со попречност. Како резултат на тоа, нема деца и млади во ниту една од резиденцијалните социјални установи. Согласно со Законот за социјална заштита е воспоставен систем на лиценцирање на даватели на социјални услуги. Досега лиценцирани се над 80 даватели на социјални услуги (здруженијата на граѓани и приватните субјекти), кои можат да ги користат над 2700, претежно стари лица, но и лица со попреченост, деца и нивните семејства.

„Верувам дека, како и досега, така и во иднина ќе продолжиме со справување и надминување на предизвиците што доаѓаат со трансформацијата на економијата и пазарот на трудот, зелената транзиција, дигиталната транзиција, инвестициите во децата и младите и обезбедување вистински пристап до социјална интеграција и можности за просперитетен живот за сите наши граѓани,“ порача Тренчевска.