На денешната средба со претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал-Раиси, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја поздрави Европската регионална конференција на Интерпол што се одржува во Охрид потенцирајќи дека како држава ни претставува особено задоволство што овој настан се одржува кај нас токму на 30- годишнината од зачленувањето на Република Северна Македонија во оваа најголема Меѓународна организација за криминалистичка полиција.
Претседателот подвлече дека ние како држава членка на НАТО ги применуваме сите безбедносни стандарди што се бараат од нас и во таа насока активно учествуваме и во заедничките активности со Интерпол при што даваме сериозен придонес во глобалната безбедност, како на регионот така и пошироко. Ја истакна улогата на Собранието во однос на легислативната рамка околу обезбедување на непречено функционирање на нашите безбедносни институции. Ја нагласи и улогата на демократската контрола на парламентот врз безбедносните служби, како и реформите што ги направивме во овие области. Во продолжение, го искажа и ставот на нашата земја во однос на војната во Украина, наведувајќи дека ,,Како земја, ние ја осудуваме агресијата врз Украина од страна на Русија и даваме свој максимален придонес како кредибилен партнер на НАТО во однос на секоја помош и поддршка што е потребна“.
Претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал-Раиси, се заблагодари на средбата со претседателот Џафери, на топлиот прием во нашата земја и одлично организираната конференција на Интерпол. При тоа, изрази голема благодарност и почит до МВР, како и до полициските сили на Република Северна Македонија за целиот нивен ангажман околу настанот. Нагласи дека присуството на претседателот Џафери на конференцијата во Охрид за него претставува поддршка од Собранието за полицијата. Исто така истакна дека Република Северна Македонија претставува несомнено земја лидер во регионот по однос на безбедносната соработка и секако кредибилен партнер во рамките на Интерпол, земја на која секогаш може да се потпрете во борбата против сузбивање на криминалот и безбедносните предизвици кои ни претстојат. Во тој контекст, ја истакна и можноста да во наредниот период, во овој регион или во нашата земја, да се основа и Регионално биро на Интерпол кое уште повеќе би ја зајакнало комуникацијата и соработката меѓу државите од регионот во рамките на оваа организација.
На крајот и двајцата соговорници ја истакнаа важноста од понатамошна успешна соработка за ефективни резултати во сферата на безбедноста.