25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски – Ел-Рајси: Високо ниво на билатерални односи и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати

Денеска, (10.05.2023) во Министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски оствари билатерална средба со генерал мајор во МВР на Обединетите Арапски Емирати, Ахмед Насер Ел-Рајси. Билатералната средба во својство на генерал мајор во МВР на ОАЕ произлезе од учеството и отворањето на Ел-Рајси на 50. Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ што се одржа во периодот од 08 до 10 мај во Охрид, на која Ел-Рајси присуствуваше во својство на претседател на ИНТЕРПОЛ.

Генерал мајор Ахмед Насер Ел-Рајси упати честитки до министерот Спасовски, раководството на МВР и организациониот одбор вклучени во организацијата на 50.Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ заблагодарувајќи се за одличната и беспрекорна организација на сите вклучени полициски службеници, но и за можноста 140 делегати на ИНТЕРПОЛ од 53 земји да се сретнат токму во оваа прекрасна земја Република Северна Македонија, земја која изобилува како со своите природни убавини, така и со гостопримливи луѓе . Ел-Рајси ја изрази својата благодарност за поддршката од страна на Република Северна Македонија за неговиот избор за претседател на ИНТЕРПОЛ во 2021, за четиригодишниот мандат во најголемата меѓународна полициска организација, воедно истакнувајќи ја неговата лична подготвеноста да помогне со се што е во негова надлежност. Притоа, тој рече дека ќе достави иницијатива за повеќе видови соработка.

Двајцата соговорници заеднички истакнаа дека билатералните односи и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање, но и присуство на огромен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес. Меѓу другото, беше истакнато дека акцентот на билатералните односи меѓу двете држави е ставен на унапредување на економската соработка, особено, на привлекување арапски инвестиции во нашата земја.

Министерот Спасовски изрази подготвеност и упати покана за средба со генерал-полковник Саиф Бин Зајед АЛ-Нахјан, Вицепремиер и министер за внатрешни работи на ОАЕ и за реализирање возвратна посета на Северна Македонија како поттик и натамошно унапредување на билатералните односи и зајакнување на политичкиот дијалог.

Двете страни изразија подготвеност за финализирање на процедурите за усогласување на текстовите на Меморандумот за заемно признавање на возачките дозволи и Меморандумот за безбедносна соработка и борба против тероризмот, меѓу ОАЕ и Северна Македонија.

Во рамки на денешната средба министерот Спасовски и генерал мајор во МВР на Обединетите Арапски Емирати, Ахмед Насер Ел-Рајси ги посетија канцелариите на Секторот за меѓународна полициска соработка при БЈБ на МВР во Република Северна Македонија во кој се интегрирани ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ, СЕКИ, како и странски офицери за врска, односно преку Националното Централно Биро на ИНТЕРПОЛ Абу Даби, преку кои се остварува оперативната соработка со Обединетите Арапски Емирати.

Заеднички беше изразена согласноста дека со огромна посветеност се продолжува кон продлабочување на соработката и визијата на организацијата ИНТЕРПОЛ за секоја земја да се чувствува своја на своето, како и отвореноста на раководствата на двете министерства за внатрешни работи.