9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Директорот на БЈБ м-р Сашо Тасевски на затворањето на 50. Европската Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ: 30 години членство во ИНТЕРПОЛ, заеднички придонес кон јавната безбедност, светскиот мир и стабилност

Денеска беше затворена 50. Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ, која се одржуваше изминативе три дена во Охрид. Директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Сашо Тасевски присуствуваше со свое обраќање на затворањето на Конференцијата.

На почетокот од своето обраќање Директорот Тасевски го изрази задоволството што Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи ја имаа честа да бидат домаќини на јубилејната Европска Регионална Конференција на најголемата меѓународна полициска организација ИНТЕРПОЛ и да овозможат заедничка работа на членките на ИНТЕРПОЛ, а во насока на зголемување на знаењето и искуството во меѓународното полициско работење, во тактиките и стратегиите во справување со безбедносните предизвици, за улогата на глобалното полицисување, како и за архитектурата на размена на податоци и информации како најефективен начин за зајакнување на регионалната безбедност.

Говорејќи за комплексноста на организираниот криминал, директорот Тасевски истакна дека ниедна држава не може изолирано да се бори против истиот.

„Организираните криминални групи и нивниот модус операнди брзо се развиваат како резултат на структурните промени на национално и меѓународно ниво за што сите ние бевме сведоци во времето на избивањето на глобалната пандемија, за кратко време прилагодувајќи се и пренасочувајќи ги своите ресурси и развиени криминални мрежи на новите опортуни пазари и побарувања. Ефектите од организираниот криминал ги чувствуваме сите, тие го еродираат владеењето на правото, се инфилтрираат во политичките процеси, поттикнуваат корупција и насилство, ги експлоатираат ранливите, ги подриваат легитимните пазари и претставуваат се поголема закана по животната средина”, рече директорот Тасевски.

Истакнувајќи го фактот дека секој одговор на организираниот криминал мора да биде подеднакво сеопфатен, директорот Тасевски беше категоричен дека Меѓународната криминалистичка организација ИНТЕРПОЛ беше револуционерна во препознавањето на транснационалната природа на организираниот криминал и неопходноста од непрекината и сигурна размена на информации во реално време.

„Лично верувам во придобивките од создавањето синергија и меѓусебното вмрежување. Овој формат – ние делегатите од Националните централни бироа, шефови на полициски служби и сите други претставници на националните полиции на земјите кои се денес присутни – одиме ниво погоре. Таа синергија и вмрежување се одамна создадени. Ние само ги надградуваме и развиваме”, истакна директорот Тасевски.

Потсетувајќи дека непосредно пред почетокот на 50. Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ, делегатите и раководството на ИНТЕРПОЛ имаа можност да присуствуваат на Свечена церемонија по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, која се одржа во Охрид, директорот Тасевски ја изрази гордоста што во година на големи јубилеи за ИНТЕРПОЛ, Република Северна Македонија одбележува уште еден јубилеј – 30 години од членството во најголемата меѓународна криминалистичка организација.

„Тоа се години во кои заеднички сме придонесувале кон јавната безбедност, светскиот мир и стабилност. Тоа се години на заедничко работење, посветеност и приврзаност за што упатувам благодарност и до Интерпол и до сите нас кои сме дел од оваа приказна”, рече директорот Тасевски на крајот од своето обраќање, истакнувајќи ја личната благодарност до организацискиот тим од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како и до претставниците на ИНТЕРПОЛ, за успешната реализација на 50. Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ.

На самиот крај на Конференцијата од страна на директорот Тасевски беше потпишана фудбалска топка, како традиционално означување на завршеток на секоја Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ, а која го репрезентира светот и 195-те членки на ИНТЕРПОЛ.

Спонзорирано: