24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

ЧЕТИРИНАЕСЕТТА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНА ВИЗИТА ВО СОФИЈА

Со учество на 11 македонски поетеси, поети и писатели од сите генерации, од 11-ти до 13 мај во Софија ќе се одржи 14-тото издание на „Македонската книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.

Организатор на оваа традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското Министерството за култура.

Годинашната „Четиринаесетта македонска книжевна визита“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач и универзитетски професор Владимир Мартиновски, за чие поетско творештво ќе говори универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска. На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Мартиновски на македонски и на бугарски јазик, а со поздравна беседа ќе се обратат и претседателот на Сојузот на бугарските писатели Бојан Ангелов и Кристина Николовска, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.

Втората клучна содржина на Четиринаесеттата македонска книжевна визита во Софија е големиот бугарско-македонски поетски митинг на кој оваа година ќе земат учество: Анжела Димчева, Бранко Цветкоски, Димитар Милов, Димитар Башевски, Николај Шопов, Владимир Мартиновски, Роза Бојанова, Димитар Христов, Кристина Николовска, Иван Есенски, Виолета Танчева – Златева, Атанас Звездинов, Зоран Јакимовски, Маја Панајотова, Петар Андасаров, Јовица Тасевски – Етернијан, Надја Попова, Лидија Размоска Тримовска и Владимир Левчев.

Во знак на почит и сеќавање на големиот бугарски поет Љубомир Левчев, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, ќе биде одржан омаж по повод 88-годишнината од неговото раѓање, при што проф.
д-р Кристина Николовска ќе одржи пригодна беседа.

Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е поетесата и голем двигател на писателските врски и соработка меѓу македонските и бугарските писатели, асоцијации и книжевни манифестации – Роза Бојанова, една од врвните современи поетеси на Бугарија.

Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот на поетот Христо Смирненски.