24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

УК за психијатрија прв здравствен објект кој ќе ја подобрува енергетската ефикасност со грант од СБ преку ПЕ на МФ

Објектот на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен преку проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира преку Светска банка, а го спроведува Министерството за финансии, во соработка со Министерство за здравство. Градежните работи почнуваат на 15 мај и се очекува за пет месеци објектот да го добие својот нов лик.

Универзитетската клиника за психијатрија е првиот објект од вкупно 18 здравствени објекти кои треба да бидат опфатени со проектот во компонентата наменета за подобрување на енергетската ефикасност на објекти од централно ниво.

Основни цели на проектот се намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор. Инвестициите во обновливи извори на енергија и зголемувањето на енергетската ефикасност на објектите и на локално ниво и на централно ниво, како и во индивидувалните објекти особено се покажа за значајно во време на енергетска криза.

Инаку, во Универзитетската клиника за психијатрија преку проектот ќе биде заменета електричната инсталација, осветлувањето, системот за греење, ќе биде поставен централен систем за ладење, ќе биде поставена термоизолација на објектот, ќе се изврши реконструкција на кровот, замена на прозорците и вратите и слично.

За време на реновирањето пациентите од оваа Клиника ќе бидат хоспитализирани во Психијатриската болница-Скопје и одделот за психијатрија во Градската општа болница „8 Септември“, за што овие установи имаат доволно капацитети. Детскиот оддел привремено ќе функционира во ГОБ „8 Септември“-Скопје.