7. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестМАКЕДОНИЈА

Шаќири: во интерес на добро подготвени ученички генерации, ќе продолжиме да ги поврзуваме училиштата и компаниите преку концептот на дуално образование

Поврзувањето на училиштата и бизнис заедницата е еден од приоритетите на Министерството за образование и наука, затоа што таа релација придонесува за создавање квалитетни ученички генерации, добро подготвени за успешен настап на пазарот на трудот веднаш по стекнувањето на дипломата, но и за понатамошно продолжување во високото образование. Благодарен сум за поддршката која ја добиваме од бројните домашни и меѓународни партнери во постигнувањето на целта и очекувам нашата соработка да продолжи и во индина, преку заедничко унапредување и проширување на концептот на дуално образование.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешното доделување на грантови на конзорциуми составени од компании и образовни установи за стручно образование и обука, кои од Регионалниот фонд за предизвици добиваат средства за набавка на опрема што ќе служи за подготовка на учениците во практичниот дел од наставата.

„Дуалното образование почна од учебната 2017/2018 година а се интензивираше во последните три, со социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, преку кој компаниите, средните стручни училишта, стопанските комори и локалните самоуправи ги разгледуваат потребите за отворање на нови образовни профили и паралелки во училиштата, потребата од редизајнирање на дел од наставните програми и унапредувањето на практичната обука на учениците“, рече Шаќири.

Тој додаде дека како резултат на интензивирањето на активностите во учебната 2021/2022 година, дуално образование се реализираше во 97 паралелки во 46 средни стручни училишта, а беа запишани 1.486 ученици, кои соработуваа со 210 компании. Оваа учебна година дуално образование се реализира во 225 паралелки во 61 средно стручно училиште, со 2.763 запишани ученици и во соработка со 450 компании. Бројките за следната учебна година се уште повисоки. Во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година предвидени се 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места во соработка со над 500 компании.

„Со цел да ја зголеми атрактивноста на дуалното образование, Министерството за образование и наука ги промени и политиките за стипендирање, односно за учениците запишани во дуално образование доделува стипендии во месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината“, рече Шаќири, додавајќи дека како дел од реформата на средното стручно образование предвидено е и донесување на нов Закон за стручно образование и обука кој треба да овозможи стручно образование кое ќе содејствува на пазарот на трудот.

Шаќири изрази безрезервна поддршка на целиот процес на Регионалниот фонд за предизвици, кој е финансиски инструмент дизајниран да ја зголеми вработливоста на младите. Се работи за иницијатива преземена од страна на Германската развојна банка, а финансирана од германското Федерално министерство за економска соработка и развој. Главниот партнер во спроведувањето е Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан.

Можеби ќе ве интересира

Свадба во затворот во Струмица (ФОТО)

ДЕСК

Спасен параглајдеристот кој висеше закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК

Спасувачка акција на повреден параглајдерист закачен на дрво високо над 30 метри

ДЕСК