Живко Мукаетов во интервју за Ал Џазеира зборува за бизнисот во Македонија, но и во регионот. За тоа што е важно за „Алкалоид“ како компанија и што ќе преземат за да ги задржат квалитетните луѓе тука во земјата, но и во компанијата.
Што е тоа што вие сега би им го порачале на регионалните бизнисмени овде од Балканот? На што треба сега да се фокусираат во услови на енергетска и економска криза? Што е најбитно за бизнисот во регионот?
„Прво мислам дека треба да бидеме максимално рационални. Сето она знаење кое е акумулирано во компаниите да се разменува. Да се бараат форми на синергии, на соработки за сето тоа да нѐ доведе во позиција да бидеме поконкурентни и поквалитетни. Од друга страна, сметам дека треба да бидеме многу погласни, затоа што сметам дека дефинитивно во регионот, за жал, политиката некако не дава шанса она што компаниите можат да го постигнат преку тие заеднички соработки, и оние сите, како што кажав, заеднички градена додадена вредност која може да се створи, некако не успеваме како бизнис да бидеме доволно гласни во регионот. И, како што кажувам, некако, за жал, политиката е над она што го прави бизнис-заедницата. Би ја земал Словенија за споредба. Една земја којашто излезе од онаа екс Југославија, таму веќе можете да видите еден сосема друг сооднос на сили, каде што дефинитивно бизнис-заедницата диктира и затоа таа држава се развива, оди напред со едно темпо кое за сите нас останати, за жал, веќе е толку далеку да може да го фатиме.
И македонското општество помина многу турбуленции во последните години. Вие менаџирате со „Алкалоид“ долги години. Што е тоа што Вие би му го порачале на менаџментот на оваа држава? Како да се тргне напред?
„Сметам дека она што го кажав за регионот веројатно во Македонија е уште повеќе изразено. Ние, за жал, имаме ситуација на едно политизирано општество, на општество кое е разделено на табори. Нашата политика сите овие триесетина години не покажа капацитет да развива една држава, модерна, една држава која би била капацитативна, која би била конкурентна на многу полиња. И, за жал, таа доминација на политиката версус она што е еден нормален развој на една држава ја чувствуваме во сите пори на општеството. Ние имаме објективно многу послаб образовен систем од она што беше при преминот од старата во новата држава. Имаме еден здравствен систем кој сите го чувствуваме дека не е како што треба. Имаме една кадровска политика каде што во администрацијата се оди строго на квантитет, а не на квалитет; каде што сме сите заглавени во бирократските лавиринти на комбинациите меѓу партиите, од една страна, и сите административни ентитети и сето тоа на крај се одразува наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис-заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние доста време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на она како државата функционира секојдневно“ рече тој.
Она што е огромен проблем е и масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ве погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд?
„Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет“ наведува Мукаетов.