15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Илустрација/Pixabay
+СТАВМАКЕДОНИЈА

Кој датум ќе го одбере новата алиенирана класа – прекаријатот – за свој празник?

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Пред нешто помалку од девет години заедно со сега починатиот колега Васко Мицковски ја напишавме книгата „Прекаријатот и новите херои на работничката класа“, издание на Фондацијата Фридрих Еберт. Не можам да говорам за одекот на таа книшка, ама можам да се заколнам дека добар дел од оние млади новинари кои дојдоа на промоцијата и бараа изјави пред камерите и мобилните телефони, беа и останаа дел од прекаријатот во земјава.

Тоа говори дека тој израз за новите социјални промени во светот, на замената на работничката класа, еден нов сурогат, кој е надвор од класичните и секако застарени поделби на населението, особено она градското. Тоа се потврдува секој ден и на глобален, и на локален план.

Први мај опстојува како сентимент
Одбележувањето на Празникот на трудот – Први мај и годинава е видлив доказ дека сликата која постојано се сака да се обнови за овој датум, едноставно не штима. Тоа е како да се префарбува ѕид со пораки на ноќните кабадаии, што денските комунални служби секако ќе можат да ги навасаат.

Зошто? Па, затоа што социјализмот во земјите каде идеолошки господар беа комунистите ја отапи борбената острица на синдикатите. Нели, целта на борбата на работничката класа е исполнета! Во капитализмот се изгуби мотивот за работнички борби кога се правеа споредби со она што се случува во земјите на Истокот.

Но, имаше и промени во структурата на населението што прв ја забележа фасцинантниот Херберт Маркузе (1898 – 1979), кој рече дека сините крагни (класичните работници) се заменуваат со белите крагни, визионерски согледувајќи ја новата сила која доаѓа во современиот свет: образовани млади луѓе кои го движат светот со компјутерите на работното место. Беше наречен ревизионист кај земјите од т.н. реал-социјализам, на Западот се сметаше за уште еден левичарски ексцентрик.

Треба ли да се говори дека неговите предвидувања се остварија уште поочигледно, откако информатичкиот свет стана клучен економски двигател?! Само еден кус цитат од познатото дело „Еднодимензионалниот човек“:

Во време кога неслободата станува стандард и озаконета практика, во време кога послушноста станува симбол на исправно однесување, а критичката моќ на умот исчезнала во бескрајот на едноумието, мораме под итно да се запрашаме – дали човечкото битие станало еднодимензионален човек?

Белите крагни се појавија; тие се тивката работничка класа
Но тука немаме статичност. Информатичарите не се доминантни, а низ улиците, на протестите минуваат и други млади луѓе кои се и образовани, ама и невработени или барем не се дел од некакви стабилни општествени релации. Дали се сеќавате на жолтите елеци во Париз? Дали овој Први мај во Париз излегоа на улица два милиони демонстранти (според власта – само нешто над еден милион)? Тие само делумно беа синдикално организирани, а повеќето беа млади, гневни, социјално изолирани и оние кои палат и жарат сè пред себе.

Да, тие се оној прекаријат, кој може да се опише на повеќе начини – како една нова класа, современа парадигма на Марксовиот пролетаријат, но и како материјална, душевна и социјална состојба, строго врзана за денешницата. Тоа што останува од Маркс е општествената алиенација, која денес има сосема поинаква и поголема тежина.

Прекаријатот не е екстремна сиромаштија, туку една материјална и егзистенцијална несигурност, еден душевен и психички немир, цивилизациски недостоен за модерните општества. Тоа е еден вид класа во создавање што живее на маргините на општеството, апатична и без надеж за иднината, маса на луѓе која ниту си помага, ниту е потпомогната, а од секого е злоупотребена.

Таа класа во создавање, обединува различни категории граѓани, од луѓе кои никогаш немале средства, ниту образование, ниту работа, до луѓе кои имале, а денес немаат, кои биле некаква средна класа, а сега се една полукласа. Тоа се сите оние млади луѓе кои знаат како живееле нивните родители и се блокирани од неспособноста да станат сопственици на било што свое. Тоа се повозрасните кои изгубиле сè, тоа се несреќници кои никогаш нема да добијат можност да станат нешто. Тоа се луѓе без влијание и, речиси, без права, тие се тажни и без надеж, или без заблуди дека некогаш ќе имаат пристоен, лесен и фин живот.

Класа или состојба на духот?
Прекаријатот означува една состојба на очај и фрустрација од сознанието дека треба да се живее во општество кое не нуди никаква шанса, никаква кариера, никаква сигурност, па дури ни чувство за припадност. Прекаријатот, повеќе отколку социјална категорија, е категорија на духот, состојба на постојано уназадување во секој аспект од човековото живеење. Тоа е онаа маса луѓе кои се исклучени и се апатични, со полужелудник, кои не можат да влијаат врз сопствената судбина.

Ако строго се држиме до дефиницијата за прекаријатот, тогаш доаѓаме до термин со кој се опишува фактот што, денес, голем дел од населението е субјект на флексибилна експлоатација или „флексплоатација“ (ниски и несигурни плати, несигурно работно место, нередовни приходи) и егзистенцијален прекаријат (висок ризик од општествено исклучување заради ниските приходи, високите животни трошоци, итн.). Прекаријатот работи во несоодветни услови, за минималец или без било каков надоместок, не му се исплаќаат придонеси и прекувремени часови. Социјалната и економската несигурност со кои секојдневно се соочува, го фрла на социјалната маргина, обединувајќи го сето тоа под називот прекаријат.

Етимолошки, зборот прекаријат е изведен од придавката – несигурна, која станала именка. Инаку е поврзан со обидите на Наполеон да го кодира римското право – така, францускиот збор précaire е добиен од латинскиот precarius. Имено, во римското право, прекаријатот е поврзан со несигурност при трансфер на подвижен или недвижен имот во секое време, бесплатно и без никакво осигурување од страна на сопственикот.

Тој трансфер не е покриен со некаков лизинг, осигурување. Оваа социјална групација определува и нечесни професии, потоа и лумпен пролетаријатот, но и лица кои самите, во еден период од животот, се определиле да „живеат уметнички“, односно без трајни приходи, кои се жртвувани на сметка на слободата на движењето и личната безгрижност.

Но, тоа еволуциски не се потврдува како битен елемент за таква категоризација – она што во време на индустриската револуција бил пролетерот (оној кој нема ништо, освен својата физичка сила), станува дел од несигурноста како нов концепт на науката за постиндустриско општество.

Живот без перспектива
Италијанскиот политиколог, Алекс Фоти, сугерира: „Несигурноста е во постиндустриското општество, пролетаријатот беше во индустриското општество.“

Социолозите Роберт Кастел и Клаус Дере, гледаат во оваа појава рецидив на социјална несигурност заради фактот што социјалните прашања се изостриле на почетокот на 21 век, додека претходно, во последните децении на 20 век, во економиите на Западна Европа постоела силна заштита на трудот и на вработените. Ова се случувало, пред сè, заради колективните договори, социјалното законодавство, законската пензија и трудовото право.

Прекаријатот, како термин, најтесно е врзан за Гај Стендинг, еден од најинтересните интелектуалци на денешнината, англиски професор по социјални науки и работно право на Универзитетот во Бат. Член е на Британската академија за општествени науки, објавил повеќе од 20 книги и предава колегиум за глобализацијата и за економската сигурност. Тој е херој на работничката класа, идеолог на прекаријатот, на новите, на бесните, на лутото мнозинство кое во 21 век живее без перспектива, работничката класа која е соочена со селебрити-културата во која мал број богати и славни мавтаат со своите милијарди пред носот на другите.

Светската дистрибуција на правда го измачува професорот Стендинг. И тој потекнува од работничката класа. И, на неа е горд. Сето она што денес се случува во светот го предвиде во капиталната книга: „Прекаријат, нова опасна класа“, која беше објавена во 2011 година. Таа стана „библија“ на луѓето во Шпанија, Грција, Франција, Велика Британија, Ирска и други земји, насекаде каде што младите чувствуваат дека системот во кој живеат е неправеден и дека треба да се менува.

Според Стендинг, постојат неколку различни категории кои припаѓаат на оваа нова класа или полукласа на модерното општество – тоа се луѓето кои немаат високо образование и доаѓаат од работничката класа, работат, ако работат, на определено време и не можат да остварат никакви повластици. Прво, тие не се кредитно способни, немаат перспектива и се деградирани. Тие воопшто не размислуваат за иднината и немаат однос на сочувство и на солидарност со другите луѓе. Односно, тие ќе ја искористат шансата да земаат од другите, на пример, ако некој ги искрши излозите на продавниците, тие ќе земат нешто од нив, бидејќи, се чувствуваат искористени од системот и, всушност, не водат сметка за другите луѓе. Таа солидарност е намерно искоренета.

Перспективи што бледнеат, омразата кон туѓинците расте
Потоа, во оваа група влегуваат и луѓе кои се образовани, кои завршиле високи школи, кои се многу умни и напредни, но се фрустрирани, бидејќи, живеат во општество за кое мислат дека не им нуди никаква шанса, никаква кариера, никаква сигурност, па ни чувство за припадност. Тие нема да земат стока од продавниците што се девастирани, но се чувствуваат дека се напуштени од сите, очајници се…

Гај Стендинг, во интервју за неделникот „Глобус“, број 227, 31 август 2011 година вели:

„Луѓето не гледаат дека политичките претставници им нудат било какви решенија. Но, ние во Европа мораме да се плашиме од третата и најопасна група на прекаријат – тоа се оние кои се отпадници од работничката класа и оние кои ги слушаат сирените на неофашистите. Ним неофашистите им говорат: вие сте толку слаби и уништени заради странците, заради доселениците, заради муслиманите, заради оние кои се поинакви од вас. Морате да ги исфрлите!“

Прекаријатот во Северна Македонија
Иако за прекаријатот се говори како за глобален феномен, оваа „поткласа“ во Македонија е многу побројна, отколку во другите европски земји – всушност, речиси, тука таа е поизразена во однос на класичната работничка класа.

Оттаму, на одбележувањето на Први мај беа присутни само раководствата на синдикатите, бидејќи, одамна ние немаме вистинска работничка класа, најгласни се оние синдикати (како УПОЗ) кои ја штитат прекубројноста на јавните дејности, една силна кочница за општествениот развој и резултат на притисокот на партиските лепачи на плакати за лагодни работни места!

За споредба, во мигот кога екипата на Груевски ги покачи придонесите на хонорарите во земјава (декември 2014 година) на улиците излегоа десетици илјади демонстранти, бидејќи, за голем дел од населението тие беа извор на приходи а претчувствуваа дека оние кои ги ангажирале едноставно ќе им заблагодарат на услугите (место да ги вработат, како што го образложуваше тоа во јавноста братучедот на Началникот).

За помал дел од демонстрантите (кои беа познати имиња од јавниот живот) хонорарите беа неопходен извор на приходи за да преживеат, покрај скромните плати, како актерите од нашите театри, на пример. Ако таква маса излезеше овој Први мај на протест немаше да стигне ниту традиционален казан со посно гравче, а да не говориме за овој со понудените ќебапи во лепиња.

Груевски своевремено ја повлече таа мерка, која нè воведе во претсобјето на протестите на скопските улици, што продолжија со оние на студентите за потоа да настапи Шарената револуција.

Ние сме земја на огромни социјални разлики
Македонија станува држава на мал број богати и на многу сиромашни луѓе. Тимот на СДСМ неколку години пред промените во 2016/2017 година, создаваше едно креативно јадро кое сметаше дека социјално-економска цел на партијата треба да биде враќање на средната класа, групацијата која е израз на општествената стабилност. Во таа група беше Драган Тевдовски, кој кусо време беше министер за финансии, а Мила Царовска, исто така, на кусо, беше министерка за труд и социјала. Но нивната идеолошка матрица едноставно беше удавена во кадровските пресметки со интересите на Комората и другите партии без идеолошки амбиции.

Сепак, да споменеме дека Драган Тевдовски го изнесе тврдењето дека Македонија има најнефер распределба на доходот во Европа.

„Според распределбата на доходот, Македонија веќе силно се приближува до латино-американските земји. Особено загрижува што 60% од населението заедно имаат понизок доход од најбогатите 10% во земјава“, изјави своевремено Тевдовски.

Според него, на Македонија ѝ се случува една неприродна мешавина на два спротивни механизми – неолибералната идеологија и популизмот. Само со една цел – да се зголеми доходот и богатството на една мала група на луѓе. Тоа е една од причините зошто трајно не се подобрува стандардот на граѓаните, зошто повидливо не се намалува невработеноста и сиромаштијата.

Според едно истражување за нерамноправноста на трудот кај нас, електронскиот весник „Порталб“, во текст што го презеде „Глобус“, (број 392), објави дека пред 10 години сме имале 301.517 т.н. формално вработени мажи, 202.741 формално вработени жени, додека статусот на „неформалните“ вработувања бил 91.000 мажи и 55.000 жени.

Оваа последна категорија која е мерена во Заводот за статистика, веројатно е најблиску до онаа социјална слика која сакаме да ја добиеме. Така, кога во Македонија постеле 504.000 лица кои работат во формален однос (работен однос на неопределено време), имало 146.000 лица кои се влезени во несигурен работен однос и односот меѓу првата и втората категорија е 3,5:1. Работата на црно е широко распространета.

Промена со влезот во НАТО
Со влезот на земјава во НАТО, во специјалните стопански слободни зони влегоа дузина компании кои полека ја враќаат класичната работничка класа. Има напредок во однос на покачување на најниската плата, а одливот на млади, квалификувани лица надвор од земјата ја менуваат таа социјална слика.

Но го немаме тој тим на Узунов, Тевдовски, Царовска и другите да го измери соодносот на богатството меѓу разните социјални групи. Оттука, има основа прекаријатот да си размислува за свој празник, без оние ликови кои неофицијално ги молеа изминатите години новинарите да не се пишува за одредени незадоволства (да речеме за фабриката „Дрекслер Маер“) за приливот на синдикалната членарина да може мирно да влегува во нивната каса.

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia

Спонзорирано: