13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кривична за злоупотреба на службената положба против поранешни раководни лица од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор

Денеска, Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против десет лица, и тоа Ц. Г. (57), поранешен генерален директор во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор, С. В. (63), С. С. (66), Ц. И. (70), Л. М. (51), А. Ќ. И. (53), З. Н. (57), А. Т. (40) и Е. С. (43), сите со место на живеење во Скопје, вработени во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор, како и лицето А. К. (39), со место на живеење во Кичево, исто така вработен во акционерското друштво, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 5 од КЗ.

Пријавените, во својство на службени лица (претседатели и членови на комисија за спроведување јавни набавки), во периодот од 2012 до 2016 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластувањето, постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавните набавки и на тој начин овозможиле правен субјект од Вевчани да стекне противправна имотна корист во износ од 44.606.548 денари.

Имено, пријавените, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувањето, со неизвршување на својата службена должност постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавните набавки и покрај тоа што знаеле дека понудата на економскиот оператор од Вевчани за најголемиот дел од услугите што се барале во спецификација содржела невообичаени ниски цени, од него не побарале писмено објаснување за понудените цени, предвидено во чл. 163 од Законот за јавните набавки и спровеле постапка за јавна набавка за изведба на градежни, градежно-занаетчиски, инсталатерски и други работи за тековно и инвестиционо одржување на станбениот и деловниот простор и други објекти со кои стопанисува акционерското друштво и изготвиле извештај во кој е даден предлог за најповолна понуда да се избере понудата на правниот субјект од Вевчани, потоа било постапено и спротивно на одредбите на Законот за јавните набавки, чл. 169 и наместо да се увиди дека постапката не е спроведена во согласност со Законот за јавните набавки, донесена е одлука за избор на најповолен понудувач и во име на АДИССПДП со правното лице од Вевчани е склучен договор за тековно и инвестиционо одржување на објектите со кои стопанисува акционерското друштво и обврски во гарантен рок со предмет на договорот изведување градежни, градежно-занаетчиски работи за тековно и инвестициско одржување на објектите со кои стопанисува акционерското друштво за Регион 1, Регион 2 и Регион 3.

Притоа на горенаведениот начин во текот на 2012 година С. В. во својство на претседател на комисија за спроведување јавна набавка, С. С. и Ц. И., членови на комисија за спроведување јавна набавка, Л. М., претставник од Одделението за јавни набавки, комисија за спроведување јавна набавка, како и Ц. Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП, му овозможиле на правниот субјект од Вевчани да стекне противправна имотна корист во износ од 16.992.519 денари.

Потоа, во текот на 2014 година на истиот начин од страна на А. Ќ. И., во својство на претседател на комисија за спроведување на јавна набавка, З.Н. и А.Т., во својство на членови на комисија за спроведување јавна набавка, и Е. С., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц. Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП, овозможено е правниот субјект од Вевчани да стекне противправна имотна корист во износ од 24.001.526,00 денари.

Исто така, во текот на 2016 година од страна на А. Ќ. И., во својство на претседател на комисија за спроведување јавна набавка, А. Т. и А. К., членови на комисијата, Е. С., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц. Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП, овозможено е правниот субјект од Вевчани да стекне противправна имотна корист во износ од 3.612.503 денари.

Постапувајќи спротивно на своите службени овластувања, пријавените го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 5 од КЗ.

Спонзорирано: