30. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи – Касис: Да се обединиме и да обезбедиме целосна функционалност на ОБСЕ

Поддршката што Северна Македонија ја добива од Швајцарија за претседавањето со ОБСЕ е многу значајна. Одличната соработка на постојаните мисии во Виена, како и залагањето на Швајцарија за остварување на приоритетите што ги поставивме како земја претседавач се силен импулс за нашата работа. Наша заедничка цел е обезбедување целосна функционалност на ОБСЕ. Во таа насока, важно е постигнување обединет став во однос на клучните предизвици со кои се соочува ОБСЕ, односно обезбедување политичка, извршна и финансиска функционалност на ОБСЕ. Ова е приоритет на кој Северна Македонија силно се посветува во рамките на претседавањето во 2023 година.

Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната средба со министерот за надворешни работи на Швајцарија, Игнацио Касис, што се одржа во Њујорк. Швајцарија овој месец го презеде ротирачкото претседавање со Советот за безбедност на Обединетите нации, кој заседава денеска.

„Поканата што ја добив за презентирање на приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ пред членовите на Советот за безбедност е од огромно значење за нас, особено во период кога ја одбележуваме 30-годишнината од соработката на ОН со ОБСЕ, но и 30 години од членство на Северна Македонија во ОН“, рече Османи на средбата со Касис.

Во таа насока, Османи од швајцарскиот колега побара поддршка и за справување со итните прашања што ја засегаат функционалноста на ОБСЕ, како изборот на претседателство за 2024 година и усвојување на буџетот.

Османи го информира Касис за неговата неодамнешна посета на регионот на Јужен Кавказ во својство на претседавач со ОБСЕ и за претстојните планови и зошто силна и обединета Организација на ОН е клучна за зачувување на стабилноста и обезбедување одржлив мир во поширокиот регион на ОБСЕ.