25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со навремени мерки осигуравме струја и парно, рестрикции нема, помогнавме на ранливите граѓани, зголемено е домашното производство на струја

„Во текот на целата грејна сезона струја и парно имаше, рестрикции немаше, успеавме да ги заштитиме граѓаните, благодарение на навремени мерки, стручноста и трудот на надлежните во овој ресор“, оцени премиерот Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот.

„Имавме непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во текот на целата зимска сезона, во време кога дел од земјите го пролонгираа стартот на грејната сезона, а дел од земјите имаа и рестрикции во текот на зимските месеци.

Ние, обезбедивме парно за граѓаните на Скопје, иако тоа не е обврска на Владата меѓутоа бидејќи власта во Град Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник решија да не се занимаваат со тоа прашање, тогаш ние како држава го презедовме.

Горд сум што успеавме да го зголемиме домашно производство на електрична енергија. АД ЕСМ обезбеди 100%, иако законски требаше да обезбеди 60%. Паралелно со овој процес, како Влада го презедовме и снабдувањето со топлинска енергија во Скопје.

Зголеменото домашно производство, донесе стабилна цена. Планот даде резултат. Тоа е најдобар демант за критичарите и квази експертите кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија и го вознемируваа народот“, рече премиерот Ковачевски.

Токму поради зголеменото производство на електрична енергија во АД ЕСМ, како што додаде премиерот, овозможена е евтина електрична енергија за производителите на основни прехранбени производи, за училиштата и стабилизација на цените на основните прехранбени производи.

„Успеавме да обезбедиме пониска цена на електрична енергија за 72.000 компании коишто вработуваат 98% од вработените во државата на регулираниот пазар и никакво покачување на цената за граѓаните. Тоа беше нешто што никој не го очекуваше, бидејќи истите тие експерти и опозицијата велеа дека цената на електрична енергија ќе се зголемува за 50% или 60%, што не се случи.

Во рамки на изминатата грејната сезона 2022/2023, за месеците октомври, ноември, декември, јануари, февруари, март е остварено вкупно домашно производство на електрична енергија коешто е за 45% поголемо од истите месеци од претходната сезона.

АД ЕСМ успеа да обезбеди енергетската независност на државата, работејќи со капацитети стари и по 40 години, одржувајќи ги во функција со цел да се произведува електрична енергија.

Воедно, како резултат на нашите добрососедски односи и добрите односи со државите од соседството успеавме да го зголемиме притисокот на гасоводот кој го имаме со РБГ и со тоа да обезбедиме проток на гас за 500.000 нормални метри кубни гас и вкупниот капацитет да биде многу поголем од она што беше досега.

Тоа овозможи да имаме либерализација на снабдувањето со гас во државата и да имаме непречено снабдување со гас во случај да имаше прекин од снабдување од рускиот гас којшто во текот на изминатите две децении беше единствениот кој се носеше во државата“, додаде премиерот Ковачевски.

„Се грижиме за граѓаните, за најранливите категории на граѓани, обезбедивме најголем пакет антикризни мерки од 760 милиони евра. Во една ваква криза, важна е солидарноста“, порача премиерот Ковачевски во Парламентот.