22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

По повод Европската недела на имунизација почна кампања за придобивките од навремена вакцинација

По повод одбележувањето на Европската недела на имунизација 2023, Министерство за здравство почна со теренски активности во рамки на широка кампања за промовирање на имунизацијата, што се реализира заедно со Светска здравствена организација и со финансиска поддршка од Европската Унија.

Со кампањата ќе бидат опфатени 20 општини (120 населени места, рурални и урбани), каде е регистриран понизок опфат на вакцинирани деца согласно календарот за задолжителна имунизација, како и вакцинација против Ковид-19.

Над 30 тимови од медицински лица од здравствените домови во државата, одат „од врата до врата“, односно ги посетуваат семејствата каде има невакцинирани лица.
Тимовите ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, делат промотивен материјал и во договор со родителите имаат можност да закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација.

Кампањата ќе трае пет недели (до крај на месец мај) и се планира да бидат посетени над 2.900 семејства.

Во рамки на кампањата, постарите лица над 60 години имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.