Италија се соочува со голем недостиг на работна сила, ѝ недостигаат речиси милион работници во неколку економски сектори, рече министерката за труд, Марија Елвира Калдероне. Главниот проблем е што сè повеќе луѓе го напуштаат пазарот на труд поради возраста, а тешко е да се најдат нови работници за пополнување на овие позиции, рече Калдероне.
Владата работи на тоа компаниите да имаат работна сила обучена за работата што ќе ја работат, а особено за предизвиците на денешницата и утрешниот ден, нагласи таа. Ова особено се однесува на еколошката и дигиталната трансформација во светот на работата, додаде Калдероне, истакнувајќи дека главната цел е да се вработи секој граѓанин на Италија.
Недостигот од работна сила е особено изразен во туризмот, велат од здружението „Асотуризам конфесерценти“. Од угостителството се жалат на слабиот одѕив на понудите, но и на неквалификациите на кандидатите за работа. Земјоделството во летните месеци и сезоната на жетва има потреба од најмалку сто илјади работници, соопштија од земјоделското здружение.
Нагласија дека итно им се потребни трактористи, градинари и берачи на овошје и зеленчук. Тие бараат и квалификувани работници во дигиталниот сектор, како земјоделски техничари, кои знаат да управуваат со дронови, да читаат метеоролошки податоци и да користат ИТ-алатки.