24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Државата дели пари за субвенции: По 80 илјади денари за фотонапонски централи во домаќинствата, 20.000 денари за ПВЦ прозорци и 15.000 денари за сончеви колектори

Министерството за економија како и претходните години нема да го скрати буџетот туку напротив ќе го зголеми буџетот за програмата за обновливи извори на енергија како и поттикнување на енергетската ефикасност. Средствата во оваа програма се во вкупен износ од 70 милиони денари.

Министерството за економија годинава првпат ќе дава субвенции до 80.000 денари за вградување фотонапонски електроцентрали во домаќинствата, а ќе продолжи и со субвенциите за ПВЦ прозорци до 20.000 денари по домаќинство и за сончеви колектори до 15.000 денари. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека буџетот за оваа намена година не е скратен, туку напротив, зголемен е и изнесува вкупно 70 милиони денари.

„За надомест на дел од трошоците за купени или вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година се предвидени вкупно 25 милиони денари за над 1.200 домаќинства во државата. Со цел да ја подобрат енергетската ефикасност на објектите лицата кои ќе купат или вградат ПВЦ прозорци ќе им обезбедиме поврат на средства до 50 % од трошокот, но не повеќе од 20 илјади денари по домаќинство. За вградување сончеви термални колекторски системи предвидени се 15 милиони денари за над 1000 домаќинства. Кофинансирањето е до 30 % но не повеќе од 15 илјади денари по домаќинство. Третата мерка е надоместување на трошоци на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати, согласно новата одлука која ја донесе Министерството за економија во делот на зголемување на капацитетот на инсталирана можност во секое домаќинство. Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства, како мерка што првпат се спроведува во нашата држава. Повратот ќе биде до 30 5 но не повеќе од 80.000 денари“, рече министерот Бектеши.

Дополнително на тоа, министерот Бектеши потсети дека согласно новиот Правилник и останатите законски акти обврска на универзалниот снабдувач на електрична енергија е да го преземе произведениот вишок енергија од домаќинствата, да им ја плати произведената енергија или да им ја надомести на оние кои ќе се одлучат за вакви инвестиции.

За Струмица и Куманово, каде што веќе има мрежа за природен гас, се предвидени субвенции за приклучок на мрежата во висина од 70% од трошокот, но не повеќе од 25.000 денари.

Министерството за економија до крајот н а мај за стопанството ќе ги кофинансира сите инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби или за производниот процес и ќе покрива 20 % од трошокот. Целат на оваа мерка е да се намали потрошувачката на енергија од универзалниот снабдувач кој се снабдува од ЕСМ.