10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ и Левица антиевропски браќа по блокади и по дезинформации

ВМРО-ДПМНЕ и Левица за безмалку сите клучни прашања делат ист став, а нивната релација во дел од советите на општините е и потврдена коалиција.

Партиите предводени од Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев беа на чекор да стапат во коалиција и во Собранието, а лидерите со заедничка фотографија најавувајќи ново мнозинство. Сепак, иако ова не се случи истите гледишта и постапки на двете партии неофицијално ја потврдуваат коалицијата.

И ВМРО-ДПМНЕ и Левица последно истакнаа дека нема да дадат поддршка за уставните измени со кои практично ќе продолжи преговарачкиот процес на земјава за членство во Европската Унија. И двете партии со слични аргументи настапија при одбивањето на францускиот предлог, а симпатизерите и членовите на партиите заеднички протестираа пред Владата и Собранието. Според нив, предлогот требало да биде одбиен, бидејќи, како што рекоа, со него се губат идентитет и јазикот. Воедно, ниту една од двете партии не гласаше „за“ Договорот за Фронтекс, кој беше првиот потпишан договор меѓу Скопје и Брисел. Двете партии го оспоруваат и Договорот за добрососедство со Бугарија, а официјални претставници на партиите обвинија дека учебниците ќе се пишувале во Софија. Ваквата лажна вест беше демантирана од македонските историчари во Мешовитата историска комисија. Левица дури во Собранието покрена и иницијатива за распишување референдум, која експресно беше поддржана од партијата на Мицкоски.

Освен за евроинтегративниот пат, Левица и ВМРО-ДПМНЕ користеа исти методи и тактики и претходно за исполнувањето на државната стратешка цел за членство во НАТО. Левица во делот од програмата, посветен на Меѓународните односи и организации, се залага за „итно отчленување од НАТО- пактот, поради непочитување на уставната процедура за влез во воен „сојуз“ со други држави, како и непочитување на волјата на народот изразена на Референдумот од 2018 година“. Токму референдумот беше круцијален пример за заедничкото делување на двете партии. Додека Левица отворено застана зад бојкот, ВМРО-ДПМНЕ потајно бојкотот го поддржа, а малкуте партиски функционери кои излегоа да гласаат се најдоа на мета на критики од своите сопартијци. И ВМРО-ДПМНЕ и Левица го оспоруваа референдумското прашање и не ги признаа резултатите.

Партиите на Мицкоски и Апасиев за уште едно крупно прашање беа на иста линија, а тоа е пописот. Тие повторно повикаа на бојкот, играјќи на етничка карта. Во тој период Мицкоски реши да си ја „отвори душата“ на фејсбук и напиша дека сепак сега е веќе добро да се спроведе пописот, бидејќи неговата партија обезбедила фингерпринти и тоа е „можност да докажеме дека не има повеќе од 70% Македонци во Македонија. Но, за жал, тука сте вие преторијанците на Зоќи и нормално ќе работите против македонскиот народ“. Овој коментар следуваше еден месец откако ВМРО-ДПМНЕ ја презентираше новата концепција „Македонија за сите“, а нивниот лидер очигледно влета во поделби на етничка основа и тоа на само неколку дена од одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт од 2001 година.

Неформалната коалиција се потврдува и на локално и на централно ниво. Такви примери се одлуките кои ги носат советниците од двете партии во Советот на Град Скопје, но и нивните пратеници во Собранието, па може да се забележи дека се координираат за правење кворум на пленарните седници.