8.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Џезерите кон Филхармонија: Да не трошиме време на расправии, никого нема да загрозиме, ајде да најдеме решение и да создаваме музика

Во Скопје, во моментов, постојат две концертни сали кои одговараат на изведувачкиот концертен карактер на нашиот оркестар. Тоа се МОБ и Филхармонија. До оној момент додека не се појави нова концертна сала, ние ќе мора некаде да ги одржуваме нашите проби и концерти, потенцираат од Здружението на џез-музичари (ЗЏМ), кои реагираат на вчерашната прес-конференцијата на Филхармонија.

Од ЗЏМ истакнуваат дека ова е нивно последно обраќање до јавноста поврзано со настаната ситуација, бидејќи сметаат дека сè е кажано.

– За жал, малку сме уморни од сево ова, бидејќи овој начин на комуникација не ни е својствен. Наместо да започнеме со нашата концертна и творечка дејност, ние се занимаваме со т.н. спинови, преписки или „рекла-кажала“ муабети, вокабулар кој не наликува на академски граѓани или уметници од висок ранг, нагласуваат од ЗЏМ.

Џез-музичарите потенцираат дека со нивната работа нема да се наруши комодитетот на кој било од вработените во Филхармонија.

– Најважно од сè е, тоа што ние сè уште не добивме, ниту еден релевантен аргумент дека нашето евентуално работење во зградата ќе го попречи работењето на оркестарот на Филхармонија, велат од ЗЏМ.

Тие посочуваат дека дезинформацијата „седум години ЗЏМ во Филхармонија“ е извадена од контекст.

– Ние во неколку наврати кажавме дека, како биг бенд работиме седум години. Можеби е направен лапсус во броењето на календарските години, но ако изброите календарски од 2017 до 2023 има седум години, земајќи предвид дека отворањето на зградата е во мај 2017 година. Ние се извинуваме доколку „украдовме“ некој месец во нашата неумесна пресметка, но првиот концерт на биг бендот во соработка со Филхармонија, во истата зграда, се случи на 12.12 2017 година, концертот насловен „Baby It’s Cold Outside“. За сите други искази од пресот, сметаме дека нема потреба да се коментираат, бидејќи се потполно ирелевантни, потенцираат од ЗЏМ.

Тие ги повикуваат сите засегнати од оваа, како што ја нарекуваат, т.н. „Национална културна мело-драма“, да се однесуваат достоинствено, колегијално, солидарно, да ги согледаат фактите и да се соочат со реалната состојба, до изнаоѓање на конечно решение, како што впрочем и стои во одлуката на Министерството за култура.

– Животот е прекраток за да ни минува во чудесни расправии и исправање превртени разговори и неосновани размислувања. Ајде да најдеме решение во кое никој нема да биде загрозен. Ние, како Оркестар за џез-музика, ја покажавме нашата флексибилност со која гарантираме дека работата на Филхармонија нема да биде загрозена од ниту еден аспект и во ниту еден случај. Со надеж дека овој лош сон ќе заврши наскоро и во најбрз можен рок ќе почнеме со нашата најважна работа, музиката. Музиката секогаш ќе најде начин, но Ве молиме немојте да ни ги кратите крилјата уште на сам почеток, истакнуваат од Здружението на џез-музичари.

На вчерашната прес-конференција директорката на Филхармонија Тина Иванова го повтори ставот на вработените дека не се согласуваат со владината одлука за вдомување на новоформираната национална институција Оркестар за џез-музика во зградата на Филхармонија. Од Филхармонија ја поздравуваат одлуката на Владата за формирање на Оркестар за џез-музика, но сметаат дека решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно. Тие сметаат дека не е возможно во еден објект паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти.

Спонзорирано: