Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес оствари средба со новоименуваната aмбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер.
Посакувајќи и успешен мандат во извршувањето на функцијата и топло добредојде во земјата и во Собранието, претседателот Џафери изрази особена благодарност за активниот ангажман и континуираната германската поддршка за нашите евроатлантски интеграции. Особено беше истакната динамичната парламентарна соработка со германскиот Бундестаг во последните неколку години на сите нивоа, вклучително и ИПС стипендиската програма и техничката соработка за независно собраниско обезбедување. Истовремено, беа поздравени активностите во рамките на Берлинскиот процес, како комплементарен на процесот на пристапување во ЕУ и регионалните иницијативи со кои се овозможува поголемо поврзување меѓу земјите и унапредување на нивната меѓусебна соработка пред членството во Унијата.
Амбасадорката Дреклсер потенцираше дека топлиот прием во Република Северна Македонија и државните институции за неа претставува налог за продолжување на досегашната соработка и унапредување на односите на сите полиња од взаемен интерес меѓу двете држави. За Сојузна Република Германија, членството на Република Северна Македонија во Европската унија е од исклучително значење, особено поради пристапот до повеќе финансиски средства и воспоставените механизми за функционирање на правната држава. Амбасадорката изрази разбирање за комплексноста на процесот и во однос на обезбедувањето поширока општествена поддршка за продолжување во следната фаза од преговорите и на тој пат, ја понуди целата германска поддршка. Беше упатена благодарност за нашиот проактивен пристап и преземените чекори во однос на усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и поддршката за Украина.
Соговорниците разменија мислења за модалитетите и можностите за збогатување на парламентарната соработка, за идните чекори на Собранието во однос на евроинтегративниот процес и за донесувањето на потребните закони, со кои ќе се зголеми бројот на германски инвестиции во земјата.