24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

„Човекот на Олбрајт“ во Скопје: „Рубин не доаѓа за да пие кафе, ќе се обиде на дипломатски јазик да зборува за уставните измени“

Џејмс Рубин, специјален пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот, ја започна посетата на Западен Балкан, а после Црна Гора, денеска се очекува да дојде во Македонија. Рубин, кој беше помошник на американскиот државен секретар Медлин Олбрајт од 1997-2000 година и за кого велат дека е човек од „доверба“ на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, официјало доаѓа за да ја засили борбата против руските дезинформации. „Сакам да работам со влади кои сакаат да бидат дел од европскиот систем и да имаат свет на закони и правила во кои се почитуваат европските принципи. Сакаме да се обидеме да направиме се за да го елиминираме ова загадување на медиумската средина“, рече меѓу другото Рубин од Подгорица.

Со оглед дека во земјава актуелна е ситуацијата околу уставните измени, се поставува прашањето дали Рубин има и скриена агенда? Според поранешниот амбасадор во НАТО и дипломат од кариера, Нано Ружин, САД бараат еден хомоген Западен Балкан, кој нема да предизвикува одредени недоразбирања и итн.

-Можно е согласно состојбите во државата, да дојде и до ова прашање на дневен ред. Тоа би било помош која што владеачката гарнитура ја бара од САД затоа што во моментов, позицијата на опозицијата е спротивна на реформите и промената на Преамбулата. За опозицијата е битно да наиде на одредени контакти и да ги расчисти дилемите дали е отворено за ЕУ и НАТО и игра своја игра. Сепак мислам дека независно од нивните спротивења е проатлантски ориентирана, вели Ружин за „Локално“.

Посочува дека САД се стратешки партнер на нашата земја и разбирливо е кога доаѓа еден функционер од толку милионска држава, доаѓа со одредена цел и со одредени амбиции, за да се бидат разрешени одредени прашања.

-Македонија е значајна мала држава и сепак е субјект-членка на НАТО. Сметам дека во таа насока може да се извлечат повеќе точки. Претпоствувам најактуелнот прашање е прашањето на сајбер-одбраната и борбата против дезинформациите и лажните вести. Тука е и корупцијата и владеењето на правото како проблем, до нашиот однос во регионот, оценува Ружин.

За тоа дали Рубин може да испрати силни пораки кон опозицијата која во моментов одбива да биде дел од уставните измени, дипломатот вели дека Американците се многу поделикатни како политичка опција.

-Сигурно дека можат и во разговори, отворено да кажат, но не верувам дека ќе дојде до одредена отворена „шлаканица“ или извесни закани околу тоа. Мислам дека Американците имаат рафинирана позиција и секогаш би настапиле со мирен став и би го сослушиле оној со кој што зборуваат, би процениле, би го охрабриле, но не би казнувале или би биле влегле во директен судир со сфаќањето на опозицијата, освен ако не се работи за екстремни ставови, кои во овој миг опозицијата ги нема. Тие не одат на отворена критика туку охрабруваат. Сепак, тоа не значи дека тие кажале два збора и повеќе не се интересираат – тоа може да се фати како еден добар совет, како совет од постар брат, но не како закана, порачува Ружин.

Политичкиот аналитичар Агим Јонуз смета дека ниту еден висок американски дипломат не доаѓа на Балканот само за да се напие кафе.

-Агендата на високата дипломатија е поставување на стратешки цели и задачи и контрола на теренот од сработеното и додавање задачи за тоа што треба да се направи. САД како сила е највлијателното политичко тело на Балканот после Русија, вели тој за „Локално“.

Сепак според него, Рубин не доаѓа во Скопје за да „влијае“ околу спроведување на уставните измени.

-Не верувам дека би можеле да влијаат повеќе од тоа што се веќе се работи на терен од Американската амбасада. Таа висока дипломатија не би си дозволила спуштање на ниво на мешање во лов на локалните работи на Мкаеоднија- за тоа е задолжена американската амбасада. Секако пораките и агендата на влијае е предмет на дискусија, внатре кај нив, но лично тој не верувам дека има било каков дел од таа задача. Секако добронамерно на дипломатски јазик и шаблонски ќе каже дека Македонија за да влезе во Европа мора да исполни задачи, но неговото лично влијание не верувам дека ќе биде имплемент во нашата политика, објаснува Јонуз и додава:

-Тоа е високо позицииониран американски дипломат и не верувам дека ќе си дозволи таков луксуз за да ѝ удри „шлаканица“ на опозицијата. Самата инсталација на американската политика во Македонија преку амбасадата на САД е шлаканица за опозицијата. Тој самиот не му е ниво да го прави тоа, заклучува соговорникот.

извор: Локално.мк