Центарот за управување со кризи, заедно со локалните институции од Гостиварско, субјекти во Системот за управување со кризи, почнувајќи од четврток вечерта на шести април, имаа зголемен ангажман и особено во ноќните часови овој викенд, во гостиварскиот регион кај селото Чегране при што заедно со комбинирани дејства – намалување на електропроизводството, конкретно намалување на работа на турбините на Мавровско Езеро и дејство со вадење пречки и прегради од речното корито и правење насипи и брани на терен, спречија поголеми излевања и поплавувања на просторот и населбите покрај реката Вардар.
Конкретно на 06.04.2023 година (четврток) од страна на лица од с. Чегране преку Е-112 на ЦУК е добиено известување дека во село Чегране е дојдено до значително зголемување на водостојот на реката Вардар, што било на критично ниво, при што и некои улици биле поплавени. При ваква итна ситуација веднаш, од страна на Секторот за операции и координација (СОК) на ЦУК, е покрената работна иницијатива, согласно оперативните стандардни процедури, за да се интервенира од повеќе нивоа и страни за комбинирано дејствување за избегнување на поголеми поплавувања на Гостиварско. Истиот ден, по налог на СОК на ЦУК, од страна на Регионалниот ЦУК Тетово е известен директорот на ЕСМ Подружница ХЕЦ „Маврово“. Тогаш работеле 4 турбини, од коишто едната се одлучило да биде исклучена со очекување дека за еден час се намали водостојот на реката Вардар, нешто што и се случило.
Потоа, на 07.04.2023 година, (петок) во вечерните часови, ЦУК бил известен дека реката Вардар пак се има излеано од своето корито и има зафатено земјоделско земјиште. Најверојатната причината за излевањето било зголеменото производство на електрична енергија на ХЕЦ „Маврово“. По остварените контакти со ХЕЦ „Маврово“ било реагирано позитивно и било намалено производството на електрична енергија, се со цел да не бидат предизвикани поголеми штети.
На ден 08.04.2023 година, (сабота) околу 22:10 часот, од страна на РЦУК Тетово било известено дека повторно дошло до излевање на реката Вардар на критичното место во с. Чегране. За настанатата состојба, освен ХЕЦ „Маврово“ биле известени и Единицата на локална самоуправа (ЕЛС) Гостивар, Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Гостивар за преземање мерки и активности се со цел да се надмине настаната состојба со комбинирано дејствување и со намалување на работа на турбините од хидроелектраната и со поставување насипи и брани покрај коритото на критичните точки на реката Вардар во тој реон на излевање и поплавување..
На ден 09.04.2023 година, (недела) од директорот на ХЕЦ „Маврово“ е стигнато известување до ЦУК, дека било договорено заеднички со ЕЛС Гостивар во период од 07:00 до 09:00 часот да се интервенира во санирање на делот од коритото на реката Вардар со цел да се запре истекувањето на водата и поплавување на улиците и земјиштето како што беше случај во претходните 3-4 дена. Од страна на градоначалникот била добиена информација дека најверојатно проблемот го предизвикале две попречени дрвја во реката и истите ќе бидат извадени. Околу 16:00 часот од страна на локалната самоуправа превентивно биле донесени и истоварени 4 камиони на песок (чакал, ризла ) на критичното место каде што во претходните денови имаше излевање на Реката Вардар во селото Чегране.
Во моментот на изготвување на информацијата состојбата е нормализирана.
Од страна на Секторот за операции и координација на ЦУК се известени сите институции, субјекти во системот за управување со кризи, со цел преземање мерки и активности од нивна страна за надминување на настаната состојба и превентивно координирано дејствување.