Луѓето кои имаат тенденција да ‘рчат имаат речиси двојно поголема веројатност да добијат мозочен удар отколку луѓето кои спијат цврсто, покажа новото истражување. Имено, ирските истражувачи откриле дека сите оние кои често ги будат своите партнери навечер имаат поголем ризик од оваа смртоносна состојба.
Студија на речиси 4.500 постари возрасни испитала дали проблемите со спиењето се поврзани со мозочниот удар. Луѓето кои дремеле повеќе од еден час имале 88 проценти поголема веројатност од оние кои не дремеле, додека ноќното ‘рчење трипати го зголемило тој ризик.
– Со овие резултати лекарите би можеле порано да разговараат со луѓето кои имаат проблеми со спиењето и да ги предупредат за потенцијални проблеми. Имено, нашите резултати покажуваат дека проблемите со спиењето можат да го зголемат ризикот од мозочен удар – изјави др. Кристин МекКарти од Универзитетот во Голвеј.
Како што објаснуваат експертите, секоја година само во Велика Британија околу 100.000 луѓе доживуваат мозочен удар, а оваа смртоносна состојба најчесто е предизвикана од блокирање на крвните садови кои го снабдуваат мозокот со крв.