22.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

(Видео) Ристески: Нема проекти во Аеродром, но затоа Муцунски се фати за споменици, како тој за Ќосето

На предлог на Левицата, а со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Општина Аеродром на последната седница усвои иницијатива со која ќе побара од Собранието поставување на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето на територијата на Аеродром, вели Милутин Ристески, координатор на советничка група на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром.

Оваа иницијатива, според него, е само уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и Левицата се доследни на тоталитарната идеологија на бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски.

„Клучниот симбол на груевизмот, споменикот на егзекуторот на ВМРО, убиец на сопствениот брат, џелат што извршувал нарачки за убиства, Андон Ќосето, познат како Касапот, стоеше пред палатата на правдата со цел да потсетува на страшната судбина што може да ги снајде сите што мислат поинаку.

Споменикот на Ќосето беше дивоградба затоа што беше поставен со грубо кршење на повеќе закони, меѓу кои и Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата и затоа беше отстранет, а на негово место пред палата на правдата беше засадено дрво од видот гинко како симбол на човековите права.

Токму тоа е разликата помеѓу СДСМ и локалната коалиција ВМРО-ДПМНЕ – Левицата“, додава Ристески.

Наместо да ги решаваат предизвиците на граѓаните денес, истакнува тој, сакаат да нè вратат во минатото на Груевски и Ќосето.

Потсетува дека и градоначалничката на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Левицата, Данела Арсовска, исто така бараше споменикот на Ќосето да биде вратен на претходната локација.

„Наместо нови капитални инвестиции, враќаат стари споменици со спорна симболика, ете тоа нудат ВМРО-ДПМНЕ, Левицата и Арсовска.

Го потсетуваме Тимчо Муцунски дека граѓаните гласаа за нови градинки, училишта, културни центри и паркови, а не за споменици, долгови, диви депонии и урбан хаос“, рече координаторот на советничка група на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром.

Ги повика Тимчо Муцунски и новата коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левицата, конечно, да се фатат за работа и да престанат да ја замајуваат јавноста со евтини иницијативи, од кои ништо добро не може да произлезе.

Спонзорирано: