„ Согласно со нашиот закон и устав, уставните измени се структуриран процес во којшто работата започнува преку работа на работна група на експертско ниво, во која работна група ќе бидат вклучени и претставници на политичките партии.
Веќе Министерството за правда упати покана до политичките партии да делегираат свои претставници во работната група во која се поканети и врвните експерти по уставно право во државата и каде што ќе бидат изработени уставните амандмани.
Потоа, дискусијата ќе биде ставена, односно материјалот којшто тие ќе го изработат ќе бидe ставен на расправа во општеството со оглед на тоа дека треба да се запознае академската заедница, деловната заедница, невладините организации, граѓаните преку медиумите и нормално низ собраниска процедура за која е потребно двотретинско мнозинство“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на денешната заедничка прес-конференција со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјава, одговарајќи на новинарско прашање дали за Владата е прифатлив предлогот на опозицијата, уставните измени да се направат по хрватски терк.
Премиерот Ковачевски нагласи дека различни партии предлагаат различни модели, поради што е потребно за ова прашање да се дискутира на експертско ниво за да се изработи предлог кој што одговара на македонското општество и кој што одговара на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја членка на ЕУ.
„Јас не кажав ниту дали сум за нешто за, ниту дали сум за нешто против. Јас сум за тоа да донесеме уставни измени со кои што ќе ги отвориме кластерите после ноември и до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ, со заштитен македонски јазик, со македонски идентитет и со македонска култура која што ќе ја збогати културата на ЕУ и на сите европски народи“, рече премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата во Владата.
Тој потенцираше дека обврска на сите политички партии е исто како што било обврска на сите политички партии во Хрватска, кога пристапувала во ЕУ, е да ги поддржат стратешките одлуки на држава и тие да не станат предмет на дневно политичка борба.
„За дневно политичка борба постојат други прашања на кои што може да се разговара со политичарите, со опозицијата, меѓу опозиционите партнери, меѓутоа, ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации кои сакаат подобар животен стандард, сакаат врвни демократски институции, сакаат функционални услуги во своите држави, а тоа се добива кога државата ќе ги воспостави критериумите, практиките и процедурите и законите согласно европското законодавство и нивното функционирање на начин како функционираат во ЕУ.
И ќе повторам, македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во држави кои се членки на ЕУ“, изјави премиерот.
Во однос на новинарското прашање за евентуална средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски околу уставните измени, премиерот Ковачевски појасни дека веќе се одржала лидерска средба во декември, на негова иницијатива, на која биле повикани сите претседатели на парламентарните политички партии, а на која средба, меѓу другото, се разговарало за усогласувањето во однос на потребата за уставни измени со цел продолжување на европските интеграции на државата.
„На таа лидерска средба, сите лидери на политички партии се сложија за потребата од носење на уставни измени, освен еден кој молчеше и двајца кои не дојдоа.
Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба со оглед на тоа дека ставовите се познати. Лидерска средба не е институционален формат за носење на конкретни решенија, туку тоа е формат на кој секој ги кажува своите политички ставови во однос на одредено прашање и политичките ставови“, рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде: „Во однос на тоа да се води дебата за уставните измени, таа дебата е структурирана, значи уставни измени дебата не се води на телевизија, не се води кога се пуштаат градежни работи на канализациони цевки во одредени општини.
Дебата за уставни измени се води во експертска работна група, каде секоја политичка партија делегира свои претставници и каде што врз основа на уставно право и врз основа на она што е пропишано, се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа“, коментираше премиерот Ковачевски.