Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
Со одлуката се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска на трговците, кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, да прибавуваат и/или да продаваат свежи јајца од кокошка.
Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.
Трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка, во количини што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година.
Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, имаат обврска најмалку 70 проценти од своето производство на свежи јајца од кокошка, да го стават во промет на домашниот пазар.
Највисоките цени на наведените производи во одлуката и обврските на посочените трговци, ќе се применуваат до 30 април 2023 година.
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Според Законот за трговија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај нарушување на домашниот пазар, заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.
Министерството за економија, кое е предлагач на одлуката, информираше дека, врз основа на податоците од Царинската управа, на вкупен увоз на свежи јајца од кокошка во 2023 година, главно од Србија и увозот на свежи јајца од кокошка за периодот јануари – 14 март 2023 година, е утврдено дека увозната цена на свежи јајца од кокошка, има пораст во однос на 2022 година.
Со оглед на тоа што цената на увозот на свежи јајца од кокошка расте, како и пројавениот интерес на извоз на домашното производство на јајца од кокошка, оценето е дека сето ова може да доведе до недостаток на пазарот и значаен пораст на цената, од сегашната продажна цена.
Што се однесува до оризот, согласно податоците од Царинската управа од 01.01.2023 до 15.03.2023 година, остварен е вкупен извоз на ориз во количина 1.070.383 кгр. во вредност од 70.034.849 денари, а просечната извозна цена на ориз изнесува 68,47 ден/кг за ориз со средни зрна, односно 64,34 ден/кг за ориз со долги зрна, што е повисока цена за 30 проценти, во однос на просечната извозна цена во 2022 година.
Поради значајниот пораст на цените на ориз и свежи јајца од кокошка, како и поради претстојните велигденски и бајрамски празници, за да се спречи евентуална турбуленција и недостаток на пазарот на свежи јајца од кокошка, одлучено е, производителите, најмалку 70 проценти од домашното производство на свежи јајца од кокошка да го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на свежи јајца од кокошка што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година. Највисоката цена на ориз и највисоката цена на свежи јајца од кокошка се предлага да се утврди на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година, во трговијата на мало, со важност до 30 април 2023 година.