Министерот за образование, Јетон Шаќири, смета дека ќе постигне договор со средношколците прифаќајќи им ги сите барања што се во согласност со законот. Тој рече дека состаноци на оваа тема имало и денеска. До крајот на неделата ќе се знае дали ќе се крати материјалот за матура, што е и целта на учениците.
„Јас сум во редовна комуникација со ученичкиот сојуз и студентите што беа на протест. Мислам дека кон крајот на неделата или почетокот на наредната, ќе имаме конкретен одговор, сè што е законски и може да се прифати – ќе се прифати. Сè друго што не може да се прифати, што треба законски измени – не може да го разгледаме. Дел од ученичкиот сојуз е во редовна комуникација со Државниот испитен центар во претходната година и известени се за сите делови што е планирано да се реализира во државната матура. Сите барања што може да се земат предвид, ќе ги прифатиме“, рече Шаќири.
Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) пред Министерството за образование и наука одржа протест. Главно барање на средношколците е скратување на материјалот предвиден за полагање на државната матура. Се жалат дека им било најавено кратење на материјалот, но дека немале увид во него.