25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Ги штитиме граѓаните и домашниот пазар, се замрзнуваат цените на јајцата од кокошка и оризот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, одржа прес-конференција во врска со денешната владина одлука за замрзнување на цените на јајцата од кокошка и оризот. На прес-конференцијата присуствуваше министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Донесовме одлука за понатамошно замрзнување на цените на основните прехранбени производи, меѓу кои, јајцата од кокошка и оризот, со што нивните највисоки цени ќе останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година со важност до 30 април 2023 година“, изјави премиерот Ковачевски, на денешната прес-конференција, додавајќи дека со оваа мерка, Владата, продолжува да излегува во пресрет на потребите на граѓаните.

Премиерот појасни дека изминатиот период е утврден пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.

„За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, се предлага производителите, најмалку 70% од домашното производство на јајца да го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година“, рече премиерот, додавајќи дека сите мерки кои ги носи Владата се базирани врз аргументирани факти и анализи.

„Би сакал повторно да укажам дека ги следевме и ќе ги следиме случувањата на домашниот, но и на светските пазари. И соодветно на тоа, како Влада, ќе реагираме со нашите механизми, со цел да не дозволиме дисбаланс на домашниот пазар, што би се одразило и врз семејниот буџет на граѓаните“, рече премиерот.

Тој потсети на досегашните мерки на Владата за заштита на интересите на граѓаните, односно на замрзнувањето на цените на белиот и полубелиот леб, како и на намалување на цените на дел од тестенините за 15% и цените на дел од млечните производи за 10 отсто.

„И овие одлуки, како и денешната, беа донесени врз основа на претходно направени анализи, а се во правец на заштита на интересите на граѓаните и заштита на домашниот пазар од нарушувања во однос на понудата и побарувачката.

Внимателно ги следиме и реакциите во јавноста. Сакам уште еднаш во оваа прилика да порачам дека ќе делуваме согласно потребите и интересите на граѓаните. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Затоа и ги носиме сите овие мерки, за да олесниме на граѓаните и да го подобриме квалитетот на животот на сите во услови на ваква економска и енергетска криза“, нагласи премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата.