18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски и Томовска потпишаа Меморандум за соработка меѓу МВР и Државниот инспекторат за труд

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска потпишаа Меморандум за меѓу институционална соработка во откривањето на кривичните дела поврзани со трговија со луѓе и трудова експлоатација и упатување на потенцијалните жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација.

Меморандумот е плод на потребата за посуштинско координирано постапување на институциите во борбата против организираниот криминал, со уверување дека непосредната соработка ќе придонесе кон поефикасно истражување и гонење на сторителите на кривични дела од областа на организираниот криминал и кон подобрување на првичната идентификација, упатување и заштита на жртвите на трудова експлоатација.

„Главен фокус на Меморандумот е зајакнување на соработката и меѓусебна размена на информации, координирање на активностите, организирање и спроведување на заеднички надзор-контрола. Во оваа прилика сакам да упатам искрени честитки до Здружението на млади правници, кои на иницијатива на Националната комисија, а со поддршка на проектот на ЕУ и Советот на Европа за превенција и борба против трговијата со луѓе, го изработија Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат за труд согласно препораките на ГРЕТА, во насока на воспоставување на прецизна и тесна соработка помеѓу полициските службеници и трудовите инспектори“, рече министерот Спасовски.

Директорката Томовска, посочи дека Државниот инспекторат за труд, има голема улога во детектирањето и откривањето на потенцијалните жртви на трговија со луѓе.

„Потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за внатрешни работи ќе ги зајакне капацитетите за борба против трговијата со луѓе, ќе придонесе кон поефикасно сузбивање на овој криминалитет и ќе овозможи полесна идентификација и заштита на жртвите на трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација преку заедничко планирање, координација, заеднички надзори и континуирана едукација“, истакна Томовска.

Министерот Спасовски изрази уверување дека овој меморандум ќе придонесе за зголемување на бројот на препознаени лица и прелиминарна идентификација на потенцијални жртви и ќе влијае во зајакнувањето на соработката во спречување, откривање и сузбивање на трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација, како и обезбедување на навремена нивна заштита.

Видео обраќање Спасовски:

Видео обраќање Томовска:

Видео инсерти:

Спонзорирано: