26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Дали одлуката на пекарите да не испорачуваат леб е производ на реални пресметки за трошоците или на задскриени монополски интереси?

Ретко која ситуација во македонското општество предизвика толку многу силни реакции во јавноста како настаните поврзани со лебот и неговата цена. Откако први се “истрчаа’’пекарските компании и Владата, на ред дојдоа економистите. Со различни анализи и пресметки, ги спротиставија аргументите кои во голем број од аспектите се дијаметрално различни. Додека дел од нив сметаат дека одлуката на Владата е оправдана но задоцнета, за други таа е ад хок донесена и погрешно креирана. Внимателен во искажувањето на својот став, професорот Марјан Петрeски повикува на трпение и расчистување на ситуацијата за да се обелодени дали во позадината се задскриваат евентуални монополски интереси. Фактот кој во меѓувреме останува извесен е несогласувањето со линеарните мерки од кои полза, како што вели тој, имаат тие кои товарот на кризата можат да го сносат самите.

Тука ги вклучувам и замрзнувањата на цените и на маржите, кои се механизми генерално некомпатибилни со пазарна економија, посебно како нашата каде голем дел од цените се зависни од надворешните случувања. Меѓутоа, замрзнувањето на цените и маржите може да е оправдано кога рефлектира ценовен притисок од практики налик на картелско здружување. Оттука, ако пазарот на леб е конкурентски, тогаш не треба да не загрижуваат било какви најави за неснабдување со леб, бидејќи ако некој не сака да понуди леб, ќе има друг понудувач што тоа ќе сака да го направи – да му дадеме неколку денови за прилагодување. Ако тоа не е случај, тогаш имаме чиста позиција за делување на Пазарниот инспекторат и Антимонополската комисија, објаснува Петрески во изјава за Локално.

Според него, во владината одлука недостигаат поконкретни и поиздржани анализи особено во делот на тоа дали субвенционираната цена на електричната енергија за прехрамбената индустрија спречила дополнителен раст на цената на лебот.

Ако е така, тогаш е важно да се знае кој друг вид трошок – цена на пченица, цена на работна сила итн. – влијаел врз неопаѓање на цената, затоа што тврдењето на индустријата беше дека цената не може да се намали поради високата цена на електричната енергија, која да забележиме дека во меѓувреме се намали на берзата во Унгарија. Исто така, на глобалниот пазар, цената на пченицата паѓа уште од јуни лани. Ако не е така, односно ако влезните трошоци се намалувале, а немаме пад на цената на лебот, тогаш нема оправданост државата односно даночните обврзници да вршат субвенционирање, вели Петрески.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од друга страна нема дилеми за оправданоста на одлуката на Владата да стави крај на како што вели, разгаленоста на пекарите и нивното зголемување на добивките.

Одлуката на пекарите да не доставуваат леб е безобразна и нечовечна. Не смеете во ваква криза, кога стотици илјади луѓе во државата одвај преживуваат, да го оставите народот без леб. До вчера земавте државни пари, правевте милионски профити додека илјадници тонеа во сиромаштија, и сега кога некој реши малку да ви ги скрати профитите, вие ќе оставате цела држава без леб. Внимавајте, пекарите и со цена од 33 денари се во добивка, не се во загуба, вели Јовановиќ.Со голема сигурност го посочува своето уверување дека одлуката да не произведуваат леб ќе им се одбие на пекарите од глава. Народот е револтиран, нема сигурно да застане на нивна страна. И ќе најде начин да преживее. Некој ќе купува од поскапите лебови, некој ќе си меси. Македонија е земјоделска земја, секој знае да меси леб, така што, народот нема да гладува, вели Јовановиќ за Локално.

Погрешно е според него што не постои одредба дека фирмите мора да продолжат со непречено производство како што беше случајот во Србија и Албанија кога таму се замрзнаа цените како и тоа што во одлуката не е предвидено што ќе прави државата со фирмите кои не ја почитуваат донесената одлука. Го посочува примерот од Албанија каде се предвидува заплена на залихите на фирмата производител и парични казни од два милиони евра.

извор: Локално.мк