26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ-Лајчак: Северна Македонија е синоним за конструктивен дијалог и земја која одлучно напредува кон ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имаше средба со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, на која беше потенцирано дека за нашите ЕУ партнери Северна Македонија е позитивен пример за решавање на отворените прашања со соседите и земја која одлучно напредува кон ЕУ.

-Водиме, се залагаме и поддржуваме политики базирани врз европските вредности, кои не гледаат назад во минатото, туку водат кон јасна ЕУ перспектива и нудат стабилност, просперитет и благосостојба за нашите граѓани, истакна Маричиќ.

На средба Маричиќ се информираше за текот на дијалог помеѓу Приштина и Белград и го поздрави напредокот во преговорите и новата можност да се затворат отворените прашања.

Соговорниците потврдија дека изборот Охрид да биде место каде ќе се разговара за нормализација на односите Белград Приштина, а премиерот Димитар Ковачевски домаќин на средбата, е доказ дека Северна Македонија е синоним за конструктивен дијалог, зрелост и одговорност во регионот.

На средбата беше разговарано и за домашната политичка ситуација, отворените прашања во регионот и важноста со јасен план да се потврди обединувањето на Западен Балкан со ЕУ.

Главниот преговарач со ЕУ го брифираше Лајчак за текот на скринингот и беше изразено очекување дека Северна Македонија треба брзо да напредува во реформите и да го зачува континуитетот на пристапните преговори со ЕУ.

Средбата Маричиќ ја оствари во рамки на неговата посетата на Брисел, каде ќе престојува до крајот на работната недела поради одржувањето на билатералните скрининг состаноци за Кластер 2, „Внатрешен пазар“.