Владино-државни делегации, претставници од државни институции и организации, претставници од меѓународната заедница во земјава, денеска оддаваат почит кон загинатиот претседател на државата, Борис Трајковски, во рамки на државнички церемонии за одбележување на 19-годишнината од авионската несреќа, во којашто животите ги загубија поранешниот претседател, Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
Владата е определена кон прогресивни политики што ги водат граѓаните и државата напред, каква што беше и визијата на загинатиот претседател Борис Трајковски. Определбите за заедничко општество, во кое што граѓаните живеат и работат заедно, независно од нивните етнички, религиски или други определби, во мир и во меѓународно почитувана држава, интегрирана во демократските семејства на држави и народи, НАТО и Европската Унија, се пример за храбро и мудро лидерство засновано на вредности. Со искрена верба, исто како премиерот Димитар Ковачевски и Владата денес, таквите вредности ги застапуваше и поранешниот претседател на државата, еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор и проевропски политичар, Трајковски. Владата на Република Северна Македонија изразува достоинствена почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски.
Денеска, на неколку локации се положува цвеќе и се изразува почит кон загинатиот претседател на државата: на неговото вечно почивалиште во Алејата на великаните во Бутел – Скопје, пред споменикот во неговиот роден град, Струмица, на спомен обележјето на местото на авионската несреќа во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина.
Со високи државни почести, 19-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски беше одбележана во Скопје, во Алејата на великаните во Бутел. На вечното почивалиште на загинатиот претседател Трајковски, положи цвеќе и оддаде почит владина делегација, во состав: Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики на добро владеење, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Беким Реџепи, заменик на министерот за транспорт и врски.
Цвеќе положија и оддадоа почит прво сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, а потоа и други делегации: делегација од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на државата, Стево Пендаровски; делегација од Собранието на Република Северна Македонија, предводена од потпретседателот на Парламентот, Горан Мисовски и составена од пратеници од владеачкото мнозинство и од опозицијата во Собранието; делегација на Армијата на Република Северна Македонија предводена од генерал-мајор Азим Нуредин, заменик началник на Генералштабот; делегација од Сојузот на борци од НОАВМ, предводена од потпретседателот на Сојузот, Наум Буревски; претставници од фондацијата „Борис Трајковски“; повеќемина претставници од дипломатскиот кор во земјава; претставници на парламентарни политички партии во државава.
Владина делегација оддаде почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски и во Струмица. На споменикот на поранешниот претседател Трајковски во неговиот роден град, цвеќе положија министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки.
Државничка церемонија ќе има и во Ротимље, организирана од институции од Босна и Хецеговина и Северна Македонија, каде ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит: делегација од Владата на Република Северна Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и Екрем Ебиби, амбасадор на Република Северна Македонија во Босна и Херцеговина и претставници од Амбасадата и претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Како и секоја година, при одбележувањето годишнина од трагичниот настан во Ротимље, што се случи на 26 февруари 2004 година, ќе оддаде почит и ќе положи цвеќе и делегација на Босна и Херцеговина, годинава предводена од Ненад Нешиќ, министер за безбедност на Босна и Херцеговина, како и делегација од Град Мостар.