„Во текот на вчерашниот ден произведени се вкупно 15.554 Mwh електрична енергија, од кои 11.798 Mwh се од термоелектраните, а 3756 Mwh се од обновливи извори на енергија. Ова производство на електрична енергија е наменето за домаќинствата и малите потрошувачи, како и за потребите за дополнителните снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и витални државни субјекти“, рече Виктор Андонов, соработник за енергетика.
Тој истакна дека во текот на вчерашниот ден „ЕСМ продажба“ објави повик за прибирање понуди за снабдување со природен гас за март за топланите и другите потрошувачи во државата и ги објасни деталите од повикот.
„На овој јавен повик може да се пријават сите домашни и странски лиценцирани и регистрирани компании за дејноста, кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат гас за март 2023. Јавниот повик трае до 24 февруари. Компаниите треба да достават податоци за својата понуда, во однос на технички карактеристики на гасот, земја на потекло, гаранција, фиксна цена за Mwh, вкупна количина што се нуди и изјава од одговорно лице на понудувачот дека може да ги обезбеди наведените количини во периодот за кој се дава понудата, односно за март, на точка на испорака главна мерна станица Жидилово, Република Северна Македонија. Ги повикувам сите заинтересирани компании кои може да ги обезбедат потребните количини барани во повикот во текот на наредните 2 дена да се пријават на јавниот повик. Во интерес на граѓаните е да имаме повеќе понуди и конкурентни услови со цел обезбедување на најповолната понуда“, додаде Андонов.
Упати и апел до граѓаните што ги исполнуваат условите објавени на јавниот повик од Министерството за економија, кој сè уште е активен, а се однесува на субвенционирање на сметките за електрична енергија за најранливите категории граѓани да аплицираат на повикот и да ги остварат своите права.
„Владата обезбеди речиси 1 милион евра за субвенционирање на сметките за електрична енергија на домаќинствата со ниски приходи. Субвенцијата се движи од 600 до 800 денари на сметката во зависност од категоријата во која припаѓаат. Сите потребни информации се наоѓаат на веб-страницата на Министерството за економија“, рече Андонов.