27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Герасимовски: Стартуваат подготовките за отворање Народна Кујна во Маџир Маало

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска оствари средба со претставници од здружението на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени „Љубезност“. Цел на средбата е отпочнување на взаемна соработка која е од исклучителна важност за социјално ранливата категорија на граѓани преку отворање Народна кујна во населбата Маџир Маало за топли оброци за социјално загрозените семејства и поединци од Општина Центар.
„Општина Центар од оваа година планира да стартува со иницијативата за отворање на Народна кујна. Имајќи во предвид дека во нашата Општина има жители и семејства кои се на работ на својата животна егзистенција се јавува потребата за функционирање на ваков тип на кујна, како социјален сервис што ќе биде хуманитарна помош за корисниците на овие услуги. Во услови на економска криза бесплатните топли оброци за граѓаните од социјално ранлива категорија ќе им бидат од големо значење“, рече Герасимовски на состанокот.
Во обезбедувањето храна како поддршка се прават напори да се вклучат општествено одговорни компании, угостителски објекти и пекари, а општината ќе обезбеди простори и ќе вложи во набавка на прибор за јадење и средства за хигиена за тековно одржување на просторот.
На заедничко задоволство е соработката да се одвива за подготовки и на други хуманитарни активности во локалната заедница со цел подобрување на квалитетот на живеење на лицата во социјален ризик. Соработката со општетствено одговорните маркети и компании и комуникацијата на Општината со граѓанските здруженија и вмрежувањето со други здруженија и невладини организации ќе биде од голема важност за превземање на иницијативи и унапредување на активностите за отварањето на народната кујна, а најголем придонес и бенефит ќе имаат социјално загрозените граѓани.
„Со оваа иницијатива се доближуваме кон нашата цел – нула глад во Општина Центар. Ги поттикнуваме сите компании, здруженија, амбасади да се приклучат кон оваа иницијатива на Општина Центар и се радуваме за секоја нова соработка која ќе претставува хуман и благороден гест во мисијата да помогнеме онаму каде што е најпотребно“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Претседателот на Здружението „Љубезност“, Тони Станковски ги презентираше нивните активности во делот на давање на хуманитарна помош, но и во процесот на ресоцијализација и реинтеграција на крајните корисници. Целта на здружението е да се овозможат услови за социјално загрозената категорија на граѓани да станат активни чинители во општеството и да стекнат правилни навики на делување.