9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасовски на Свечената церемонија по повод кревање на новото знаме на Одделот за заштита на определени личности и објекти: Нека мотото „СЕКОГАШ БУДНИ” силно одекне кај секој еден од вас!

Денеска, (17.02.2023) пред зградата на Одделот за заштита на определени личности и објекти попозната како Шеста управа, а во чест на одбележување на Денот на формирањето и 78 години од постоењето на ОЗОЛО, беше одржана и Свечена церемонија – кревање на јарбол и промовирање на новото знаме на оваа организациона единица, во присуство на министерот Спасовски и раководството на МВР. Новото знаме на Одделот е изработено од проф. д-р Мирослав Грчев, еминентен архитект и графички дизајнер, меѓу другото познат и по тоа што токму неговиот дизајнерски потпис стои на македонското знаме.

Во поглед на неговиот избор, како слика која ќе го одразува карактерот и значењето на оваа организациска единица, како симболи одбрани се Бувот и положениот меч.

Бувот е одлика на мудрост, искуство, лојалност и стабилност, а до современото спознавање на симболот на бувот најмногу се задржала симболиката на будноста, подготвеноста за акција и веродостојноста. Мечот, пак, како втор, но не помалку важен елемент во логото, традиционално ја симболизира војничката доблест, храброста и силата, и ги спојува симболите на моќта и доброто, а се врзува и со својствата на великодушноста, лојалноста и неприкосновеноста. Симболот на бувот застанат на положен меч ја симболизира будноста и силата во службата на разумна стабилност и сигурност.

Од овој ден па натаму, припадниците на Одделот за заштита на определени личности и објекти добија визуелен идентитет кој ги отсликува токму овие карактеристики.

„Нека мотото -,,СЕКОГАШ БУДНИ“’- силно одекне кај секој еден од вас почитувани колешки и колеги, со кои безбедноста на секој од нас ни е гарантирана. Храброста на мечот и вигилантноста на Бувот, во смисла на будност, превенирање и навремен одговор со брза акција, како ваши симболи, нека бидат темелот на вашата работа”, рече министерот Спасовски во своето обраќање пред гостите на Денот на ОЗОЛО, честитајќи го 78 годишното постоење и посакувајќи им континуиран успех, како на професионален, така и на личен план. Притоа, министерот Спасовски лично пред сите присутни им се заблагодари на неговиот тим лично обезбедување кој произлегува токму од оваа организациска единица на МВР, нагласувајќи дека тие секогаш се на висина на задачата.

Видео инсерти:

Видео спот 78 години постоење на Одделот за заштита на определени личности и објекти: