Македонското Собрание денес ги ратификуваше договорите од иницијативата Отворен Балкан со што се создаваат условите за почеток на имплементацијата на проектот за слободен пазар на труд меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.
Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан ќе им овозможат на граѓаните од трите земји да работат во која било од нив без посебни работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Дополнително олеснување ќе обезбедат и договорите за признавање на дипломи и професионални квалификации.
Националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец за „Рацин.мк“ изјави дека огромен е интересот кај бизнис секторот за ваквите економски поволности.
„Најзаинтересирани се компаниите во ИТ секторот, туризмот и приватното здравство, како и одредени угостителски гранки кои со ова ќе можат да привлечат работници и да отворат нови работни места“ истакна Забрчанец.
Во анализата на „Рацин.мк“ се истакнува дека единствениот регионален пазар на труд ќе придонесе кон повисоки плати за работниците, а иако првите искуства од оваа мерка се очекуваа уште минатата есен, нејзината имплементација се заглави во македонскиот парламент каде што опозицијата со месеци ја одлагаше и оддолжуваше комисиската расправа на овој и на неколку други договори поврзани за функционално спроведување на заедничкиот пазар на трудот меѓу Албанија, Србија и Македонија.