„Оваа реконструкција на Владата не е мотивирана од имиња и презимиња. Денешните одлуки не се мотивирани од тесно-партиски интереси на ниту една партија во Владата, сегашните или идните. За мене, овие одлуки не се врзани и не смеат да бидат поврзани со желбите, мотивите и барањата на било кое партиско раководство. И затоа, веднаш на почетокот сакам да прецизирам – денес ние сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата“ рече премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница на која се гласа реконструкцијата на Владата.
Тој додаде дека се носи одлука дали ќе останеме на патот на прогресот, развојот, стабилноста и извесноста или ќе дозволиме внатрешните и надворешните негативни фактори да ја втурнат државата во нова криза, нестабилност, непредвидливост и неред.
„Јас од самиот почеток изборот го направив. И тогаш, пред една година, и во цела 2022 година и денес, ни милиметар немам намера и нема да отстапам од тој правец. Точно знам што правиме и што треба да направиме, точно знаеме да разликуваме добро од лошо, точно знам да направам разлика од заедничкото и личното, точно знам што е државен и национален интерес, а што лични партиски, бизнис или профитерски интереси. И не калкулирам, и не се грижам за личниот рејтинг, и не тактизирам за дневни потреби“ рече Ковачевски.
Премиерот рече дека во било кое време и во секоја ситуација на прво место го става државниот и национален интерес и интересот на граѓаните.