18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши: Очекуваме намалување на цената на струјата од јули, носиме мерки да им излеземе во пресрен на граѓаните во енергетската криза

Согласно домашните капацитети за производство на електрична енергија и анализите од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не очекуваме да има зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули годинава, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со новинарите заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

„Ние сме во координација и со Регулаторната комисија за енергетика која е надлежна за цените на електрична енергија. Веќе се прават одредени анализи и се анализираат до детали одредени опции и со факултетите и со експерти за да се менува начинот на утврдување на цената на електрична енергија. Согласно капацитетите што ќе ги имаме во мај и јуни и јас сум убеден дека сите одлуки ќе бидат донесени во насоки да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средни компании. Од 1-ви јули не очекуваме да има зголемување на цената на струја. Очекуваме да има дополнително намалување како што направивме од 1-ви јануари согласно производството на ЕСМ, како и движењето на цените на берзите, кажа министерот Бектеши.

Во однос на компаниите од прехранбениот сектор кои што добија повластена цена на електрична енергија и кои не ги намалиле цените согласно договореното со Владата, како што кажа министерот, се прават анализи и доколку се утврди дека нема ефект можно е да се соочат со губење на оваа поволност.

„Тоа ќе се знае на крајот на месецов согласно податоците од Државниот пазарен инспекторат. Оние што ги намалиле цените ќе продолжат да ја користат таа поволност.На дневна база разговараме со стопанските коморите и со одредени сектори од индустријата, особено производителите на домашни прехранбени производи. Во случај ако нема дополнително намалување ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата, затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Ако не се намалат на процентот што е договорен помеѓу компаниите и Владата и согласно очекувањата на потрошувачите подобро тие средства да ги дадеме на граѓаните преку различни мерки, кажа министерот Бектеши и информираше дека согласно прекциите кои ги има добиено Министерството за економија од производителите на основни прехранбени производи, намалувањето се очекуваше да се движи од 7% до 13%.

Министерот потенцираше дека би требало до крајот на месецов да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и согласно тоа да се донесат одредени одлуки.

“Согласно прогласената кризна состојба одлуките може да бидат и селективни, па за компаниите кои не ги намалиле цените да не важи оваа мерка, а за тие што ги намалиле и навистина се потрудиле да направат максимум да излезат во пресрет на потрошувачите, да продолжи, кажа Бектеши.
Во делот на кризната состојба во енергетскиот сектор која што трае до крајот на април, министерот Бектеши кажа дека цента на нејзиното прогласување е да се влијае во делот на цената на електрична енергија и во ликвидност на ЕСМ.
“Целта на кризната состојба е Владата да има директни механизми да влијае кај енергетските компании за нивната ликвидност и да креира мерки како што е мерката за повластена цена на компаниите“, кажа министерот Бектеши.

Спонзорирано: