„Го прочитав европратеникот Александар Јорданов и неговото гледање на моите позиции и ставови, неговите навреди кон Македонија и фалсификувањето на историјата и негирањето на македонската нација. Секако, ова тврдење доаѓа по ползувањето на дипломатските придобивки, кој како амбасадор на Бугарија ги уживаше во Скопје и Македонија, при што луѓето што го познаваат знаат да речат дека честопати со исклучителна љубов и почит говорел за нашето гостопримство. Тогаш за разлика од сега не му сметаше дека зема плата поради неговиот престој во Република Македонија, каде што постои македонски народ“, објави став лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на „Фејсбук“.
Тој својот коментар го насочи по изнесените ставови на поранешниот бугарски амбасадор во земјата, кој имаше објава на „Фејсбук“, која изобилува со навреди и пцости за Македонците квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титовисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“
„Тоа што сте член на Европскиот парламент не ви го дава правото на непочитување кон Македонија и постојаните фалсификати, историски и политички за кои говорите и ги произведувате. Кога говорите за Гоце Делчев, можам само да ѝ благодарам на мудроста на вашите претходници и на бугарските политичари, кои ја почитуваа желбата на големиот македонски херој и ги предадоа моштите во единственото слободно парче македонска почва, денешна Република Македонија. Тоа беше акт на бугарската почит кон македонскиот херој Делчев. Но, за жал, не пропуштате ниту миг да го изгнасите и нивниот чекор на пријателство и нашето природно право слободно да се повикуваме и да го славиме неговото дело“, напиша Мицкоски.
Првиот човек на опозициската партија на Јорданов му порача:
„Никој не ви го оспорува правото да го почитувате Гоце Делчев доколку сакате. Но, почитувајте го во целост и она што вистински бил. Македонец, кој се борел за слободна Македонија“.
Мицкоски прашува:
„Цивилизирано ли е што еден европратеник како вас има навреди кон соседната држава со речник што е недостоен и исполнет со патолошко и компулсивно лажење. Тоа што сте член на Европскиот парламент не ве прави поголем Европеец од нас Македонците, кои отсекогаш тежнееле и биле дел од заедничката прозападна идеја, туку ја зголемува вашата одговорност да се придржувате до цивилизираното однесување, кое отсуствува во вашето дејствување“.