23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Битиќи во ТВ24: Во март со покачувањето на минималната плата ќе има и усогласување на платите во јавниот сектор

Во месец март ќе има покачување на минималната плата, а паралелно со неа ќе има и усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата според Законот за административни службеници, нешто што не било направено во
минатото, изјави заменик-претседателот на владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во гостувањето на ТВ 24, каде одговараше на повеќе прашања од економијата.

Запрашан дали се завршени разговорите со сите засегнати страни во врска со најавата за покачувањето на минималната плата во март, вицепремиерот Битиќи изјави дека немало разговори, бидејќи решението за усогласување на другите
плати со минималната плата во јавниот сектор е производ на системско решение.

„Системското решавање на проблемот е преку ставање на истиот во закон и законот укажува која е методологијата на усогласување на минималната плата ова значи дека нема повеќе разговори и уценувања. Порано гледавме уценувања помеѓу синдикати, работодавачи и влада, и ова веќе е завршено“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека социјалниот дијалог ќе постои и во иднина и дека токму тој дијалог резултираше со изворедно решение кое ќе се применува за прв пат.

„Минатата година направивме измена на законот за минимална плата, утврдени критериуми според кои се усогласува минималната плата, и сега во март кога Државниот Завод за Статистика ќе излезе со податоците од минатата година,
седнуваме на маса и велиме критериумот за пораст на просечната плата е толку, потоа го земаме коефициентот од 50% од пораст на просечната плата и го множиме со вториот коефициент и ќе објавиме дека од денес минималната плата
е 20 илјади и 200 денари“, објасни вицепремиерот Битиќи кој најави покачување и на пензиите токму како резултат на усогласувањето направено порано, и тука рече нема повеќе надавања и преговори меѓу синдикатите, работодавачите и
Владата, оти системското решавање е убавината на овој процес.

Во интервјуто на ТВ 24, Потпретседателот на владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи објасни дека критериумот за пораст на минималната плата се следењето на трошоците за живот и порастот на просечната плата, и дека менувањето на Законот за минимална плата минатата година беше направено заедно со синдикатите и организацијата на работодавачи.