Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, денес во Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог на закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017-та година, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој Предлог на закон, како што појасни, го поднесуваме, и е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Многу важно е да се напомене дека овој Предлог на закон е само продолжение на претходниот Закон за амнестија кој е донесен во декември 2018-та година, но со една голема и суштинка исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018-та година. Напоменувам, со овој закон ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27 април, без исклучок“, потенцира тој.
Изрази надеж дека мнозинството ќе го поддржи, прифати и ќе гласа за овој Предлог на закон бидејќи во спротивно, доколку не го стори тоа, ќе покаже и докаже дека за нив, селективноста е на прво место, владеењето на правото и правдата во Македонија ги нема никаде.
Дали ова е можеби понуда од ВМРО ДПМНЕ до власта, со која оваа партија ќе ги поддржи уставните измени во замена на аменстија на насилниците од 27-ми април останува да видиме?