Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

МНР: Декларацијата усвоена во бугарското собрание не соодветствува на договорената политика

Министерството за надворешни работи соопшти дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни антибугарски активности во Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.

„Со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите, чија цел е да предизвикаат политички активности што негативно влијаат на односите меѓу двете држави и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи. Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментот станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји.

Во однос на содржината на декларацијата би сакале да издвоиме:

Северна Македонија во изминатиот период преку конкретни проекти и активности покажа дека посветено работи на спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции, кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.

Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондациите и здруженијата не е насочен против здружувањето на ниедна етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности, кои претставуваат провокација не само за етничките македонци туку и за сите граѓани што живеат во Северна Македонија.

Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа, ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженијата и фондациите. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации.

Остануваме на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се претседателот, премиерот и Мминистерот за надворешни работи. Притоа министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани еднакво. Оттука, многуте изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниеден начин не соодветствуваат на реалноста“, се вели во реакцијата на МНР.

Од таму повикуваат на воздржаност од натамошни одлуки и дејства, кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани токму во духот на европските вредности и слободи.

Спонзорирано: