26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ бара повлекување на одлуката на Стефковски и ДПМНЕ за задолжување на граѓаните на Гази Баба

Изјава за медиуми, Александар Саша Димитријевиќ, координатор на советничка група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба:

Денес, Градоначалникот Бобан Стефковски преку советот со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, планира да донесе одлука за да ја задолжи општината и граѓаните за цели 5 милиони евра.

Поминаа 15 месеци од кога Стефковски седна во градоначалничката фотелја, 15 месеци во кои се слика исклучиво со одамна започнати проекти, 15 месеци во кои не реализираше ниту еден свој капитален проект.

Денес, во договор со неговиот партиски шеф, Христијан Мицковски решил да ги задолжи сегашните и идните генерации со само еден лист хартија

Оваа предлог одлука која ја гледате е една страница на која набројал неколку проекти за кои не се наведува ни дали има подготвено проекти и проектна документација за сите поединечно, не се наведува проекција за вредноста на секој проект поединечно, период на отплата, проектирани каматни стапки….

Стефковски од своите советници бара да му дадат само зелено светло за дискреционо право сам да одлучува.

Градоначалникот Стефковски наследи полна општинска каса со плус од 3,2 милиони евра, а денес, по само нешто повеќе од една година мандат сака да ја задолжи една од најбогатите општини во државата.

Почитувани, доколку ја погледнете реализацијата на буџетот за 2022 година ќе видите дека таа е пониска и од 2021 година.

Тоа значи дека и парите што ги има во Буџетот, Стефковски не знае да ги потроши, а денес бара задолжување на општината.

Со кого манипулира Стефковски? До кога ќе ги потценува граѓаните на општина Гази Баба?

Никаде во предизборната кампања градоначалникот не вети вакво задолжување.

Советниците од СДСМ и коалицијата се подготвени преку квалитетни проекти и аплицирање за меѓународни грантови и финансиска помош, да дадат поддршка со цел ова задолжување да не се случи.

Ги повикуваме советниците од мнозинството предводено од ВМРО ДПМНЕ да се одважат и да не потклекнат под притисокот.

Повикуваме да излезат од партиската матрица и заедно да не дозволиме Стефковски и Мицкоски целосно да ја потонат општина Гази Баба.