На годишната конференција „Година на нови можности“, што се одржува во хотелот Александар Палас во Скопје, по обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, обраќање имаше и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, а се одржаа и четири панели, на коишто министрите одговараа на прашања за резултатите во едногодишниот мандат и отворените перспективи.
„Во клучните моменти, кога целиот регион се користи како полигон за влијание, ние како прогресивно мнозинство ги предизвикуваме сите за Европска алијанса. Овој е единствениот пат за проекти, автопати, железници, депонии, училишта, болници, градинки, подобар стандард на живеење, за владеење на правото, за борба против корупцијата и организираниот криминал, за чистење на нашите општествени редови и јавноста од монтерите на стравот и директните и индиректните пречки на европскиот пат. Нема повеќе време и простор за калкулации и измами, или сте за Европа или сте против, нема простор за средна зона, бидејќи нема друга алтернатива“, истакна вицепремиерот Груби. Тој ги повика сите заедници „на првата линија на европско- македонскиот фронт“.
Вицепремиерот Груби нагласи дека државава има три основни документи кои овозможуваат реализација на програмските определби: Охридскиот мировен договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и дека нивната имплементација немала негативни реперкусии за државата.
Европската Унија е стратешки приоритет на Владата, а владеењето на правото ќе остане во фокусот на институциите за брз напредок во преговорите, беше констатирано во дебатата во рамки на првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска порача дека е неопходен силен општествен консензус околу воспоставување на принципите на добро владеење на секое ниво, во секоја институција и област, на што Владата посветено работи.
„Секое работење мора да биде базирано на транспарентност, отчетност, владеење на правото, ефикасност и ефективност. Во соработка со надлежните институции веќе се работи на решенија и политики кои ќе овозможат корупцијата да стане неисплатлива“, потенцираше вицепремиерката Грковска.
Заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ порача дека оваа 2023 година е клучна за европските перспективи на државата.
„Оваа година треба успешно да го завршиме скрининг процесот, да се фокусираме на реформите, да обезбедиме општествен политички консензус, уставни измени”, рече вицепремиерот Маричиќ.
„ Праксата за доделување на судски предмети, како што беше во минатото, на рака, повеќе не постои. Во судовите, предметите се распределуваат и прераспределуваат преку АКМИС системот. Тоа е законска обврска, а начинот на распределба се уредува со судскиот деловник“, потенцираше министерот за правда Никола Тупанчески и посочи дека од 1 јануари 2023 година задолжително се применува системот за управување со предмети во обвинителствата.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски рече дека целта на Министерството за информатичко општество и администрација е деполитизирана администрација која ќе биде транспарентна и отчетна, како и дека работат на обезбедување на модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација.
Амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин порача сите напори на Владата да бидат насочени кон реформите за да има напредок. Таа појасни дека Шведска е најголемиот билатерален донатор меѓу земјите-членки на ЕУ, со програма за реформска соработка која има за цел да им помогне на националните власти и граѓанското општество во процесот на интеграција во ЕУ, која во иднина значително ќе се зголеми.
На вториот панел посветен на капиталните и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза, 2022 година беше оценета како успешна во реализација на капиталните инвестиции со порака дека оваа 2023 година приоритет ќе се даде на подобрување на квалитетот на живеење.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во своето обраќање потенцираше дека минатата година капиталните инвестиции имаат рекордна реализација и по број и во квалитет.
“Преку една милијарда евра инвестираме за инфраструктурата. Го започнавме најголемиот проект за изградба на железничкиот коридор 8 кон Бугарија вреден преку половина милијарда евра. Во само една година завршивме со изградба на два експресни патишта од Штип до Кочани и од Штип до Радовиш, инвестиција од преку 100 милиони евра“, појасни министерот Бочварски, додавајќи дека годинава очекува силна градежна експанзија насекаде низ државата, посебно за изградба на преку 140 километри автопат на Коридор 8 и 10 д.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочи дека се реализирани или се во тек значајни проекти и изрази очекување дека 2023 година е година на можности за животната средина. Тој појасни дека претходниот период е работено напорно за да се обезбедат сите потребни услови за реализација на многу сериозни капитални инфраструктурни проекти со кои ќе овозможат секое населено место да има чиста вода за пиење и ќе има соодветен систем за управување со отпад.
Според министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во 2022 година Министерството за образование и наука ги реализираше речиси сите поставени цели во работната програма. Тој најави позасилено темпо на работа годинава.
„Имаме буџет од 450 милиони евра, за 8,4% поголем од ланскиот“, истакна министерот Шаќири, додавајќи дека тоа потврдува дека образованието ќе биде приоритетна област за инвестирање, дури и во услови на изразена економска и енергетска криза.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска истакна дека културата е капитална инвестиција и затоа Владата се посвети на заштита на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја, посочувајќи ги спомениците од НОБ.
Третиот панел беше посветен на инвестициите и економскиот раст во услови на криза.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во првиот дел говореше за клучните економски промени и предизвици со кои се соочи и ги презема оваа Влада.
„Еден од клучните предизвици со кој се зафативме и на кој работиме е реструктурирањето на нашата економија. Сметам дека особено поддршката во производствениот сектор кој што изминатите пет години го имаме направено значително ја има променето целата структура. Она што сметам дека треба да го разбереме е тоа дека без структурни промени нема отворање на пат за одржлив пат за раст и развој“ нагласи тој.
Извршниот директор на Развојната банка на Република Северна Македонија, Кире Наумов зборуваше за важноста на Развојната Банка како финансиска поддршка на развојот, потенцирајќи дека за три години се пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти, а само во 2022 година пласирани се средства oд 107 милиони евра. „Кредитните линии беа насочени кон поддржување на ликвидноста на компаниите, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, зачувување и отворање на нови работни места, со што во изминатите три години, се зачуваа околу 40.800 и се отворија околу 1.500 нови работни места“ нагласи Наумов.
Во рамките на четвртиот панел „Социјални и здравствени политики во време на криза“, се дебатираше за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата, новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.
Министерот за здравство, Беким Сали зборуваше за дигитализацијата и колку таа може да придонесе за унапредување на здравствениот систем.
„Во завршна фаза на пуштање во употреба е мобилната апликација и порталот за пациенти „Мое здравје“. Преку порталот и мобилната апликација секој граѓанин ќе има можност за увид во своите податоци од националниот систем „Мој термин“ појасни министерот Сали. Меѓу позначајните инвестиции реализирани лани, тој ја вброи набавката на најсовремени апарати за дијагностика за 14 јавни здравствени установи, за кои инсталацијата е во тек, а обезбедени се во соработка со Светска банка. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 13.6 милиони евра.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на антикризните мерки наменети за најранливите категории на граѓани, новата методологија за раст на минималната плата и пензиите, како и за социјалните услуги и сервиси кои се во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Го донесовме Законот за минимална плата. Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, имаме двојно зголемување од 2016 година. Со новото усогласување во месец март, очекувањата се дека таа ќе биде повисока за околу 2.000 денари и ќе продолжи да расте. Во месец март очекуваме и ново зголемување на пензиите. За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%“, истакна министерката Тренчевска.
Масимилијано Паолучи, директорот на Светка банка во Република Северна Македонија, зборуваше за постигнатите резултати во проектите поддржани од Светска банка.
„Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, Министерството започна 16 инфраструктурни проекти-детски градинки, кои се во напредна фаза на изградба или се завршени и кои обезбедуваат опфат на нови 2.000 деца“ истакна тој. Паолучи се осврна и на кризата со КОВИД-19, поради што се работело на јакнење на капацитетите на здравствените институции, со опремување на 678 кревети од единицата за интензивна нега за пациенти со КОВИД-19.
Постојаната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак, зборуваше за важност на инклузијата во општеството и развивање на деинституционализација како процес.
„Во изминатите неколку години заедно постигнавме навистина значителни резултати што заслужуваат да се прослават. Политиките насочени кон кризите треба да се системски, одржливи и визионерски за да се осигура дека и покрај предизвиците, нашиот пат ќе остане фокусиран на одржливиот развој. Како и секогаш, семејството на Обединетите нации цврсто е подготвено да работи заедно со Владата и сите национални и меѓународни партнери за да придонесе кон зголемен квалитет на животот на луѓето што живеат во Северна Македонија “, истакна Дуџиак.
Годишната конференција „Година на нови можности“, продолжува и утре, со четири панели на теми од област на економијата, надворешната и одбранбената политика, фискални политики, како и регионален и локален развој.