Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Митрески: Спин е намалувањето на мнозинството, напротив зборуваме за проширување на Владата

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во гостувањето во ТВ21 кажа дека три години одговара на прашањето дали наскоро ќе се одржат предвремени парламентарни избори.

-Тоа прашање постојано го отвора претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Уште по конститутивната седница реториката беше дека Владата ќе го загуби мнозинството, дека ќе имало нови избори, дека наскоро ќе паднела Владата… Со тоа се држи членството во заблуда за внатрепартиски цели. Еве гледаме дека нема ново мнозинство, нема намалување на мнозинството, нема предвремени парламентарни избори. Напротив, ние зборуваме за влез во Владата на сите што и мислат добро на државата за продолжување на евроинтегративниот пат, рече Митрески.

Тој се осврна на најавите на Мицкоски за интерпелација на Владата.

-Тука има две нешта. Едно е наводното гласање недоверба или доверба на Владата, но за тоа да се случи треба да се обезбеди 61 пратеник, што не гледам дека ќе се случи. Во случај пак да се оствари ваква најава, тогаш треба веќе да се формира ново владино мнозинство, што е уште помалку остварливо, кажа Митрески, негирајќи дека на ова прашање ќе влијаат пратениците од т.н. „огнена група“ на ДУИ.