Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ви интервјуто за политика зборуваше и за придонесот што ќе го даде Република Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ во контекст на актуелните случувања во Украина, со дијалошките искуства на домашен и меѓународен план.
Премиерот Ковачевски посочи на важноста на прогресивните политики на Владата на Северна Македонија и на државите од регионот, чијашто цел се европските интеграции, но ја унапредија соработката со регионалните иницијативи и денес тоа резултира со економска поддршка и стабилност.
„ Добро е што ја унапредуваме регионалната соработката и со тоа ја зајакнавме меѓусебната доверба. Овие регионални иницијативи, Отворен Балкан, Берлинскиот процес нè зближуваат и се поттик заеднички да го држиме изострен фокусот кон одржувањето на стабилноста и безбедноста во регионот и секако тоа што е наша заедничка стратешка цел, кон европските интеграции“, рече премиерот Ковачевски.
Како премиер на држава којашто претседава со ОБСЕ тој апелираше на итен прекин на руската агресија врз Украина и соопшти како Северна Македонија може да придонесе преку сопствените искуства, во воспоставувањето на мирот во пошироки рамки.
„ Мора да се врати мирот во светот и ние сме уверени дека е тоа можно преку креативни решенија, на коишто ќе работиме. Да, изненади тоа што агресијата дојде од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, како што è Руската Федерација. Тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик – држава членка на ОН, организација којашто во својата основа го има одржувањето на мирот во светот и членка на ОБСЕ, е спротивно на заедничките определби на државите членки против какви било форми на дејствување, чиишто последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир.
Историјата покажува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат и колку и да трае еден воен конфликт, секогаш до решението е дојдено на дијалошка маса.
Затоа, апелирам, како премиер на држава којашто претседава со ОБСЕ, веднаш да прекине агресијата на Руската Федерација врз Украина и да се отвори пат за дипломатија и дијалог, со цел да се дојде до разумно решение по мирен пат.
Република Северна Македонија од 1 јануари 2023 година ја има честа да претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ. Тоа е истовремено и голема обврска, бидејќи се случува во време кога во Европа има воена агресија.
Но, уверен сум дека успешно ќе одговориме на дадената доверба, затоа што имаме искуства како се надминуваат конфликти. И самите ние, како држава, бевме корисник на посредничко-безбедносни механизми, вклучително и на мировната мисија на Обединетите нации и преку сопствен пример ни се познати бенефитите од мировни ангажмани на меѓународната заедница.
Исто така, успеавме и со сопствени сили, дома, иако сме мултиетничка држава, да се обединиме во заедничките определби кон мир, со што не бевме вовлечени во војна, во време на поранешна Југославија, а и подоцна, со Охридскиот рамковен договор, успеавме да ја сочуваме унитарноста на државата.
Денес сме и светол пример на Балканот и во Европа, за функционална мултиетничка демократија и држава којашто стабилно чекори по евроатлантскиот пат. Тоа го постигнавме и со мудрите дијалошки политики во добрососедските односи.
Со сите овие искуства, подготвени сме да придонесеме во зајакнувањето и развојот на безбедноста на меѓународен план. Како претседавач со ОБСЕ во 2023 година, посветени сме мултилатеризамот да го надмине милитаризмот, што е врвен предизвик за Европа и светот, денес“ порача премиерот Ковачевски, во интервјуто за српскиот дневен весник „Политика“.