22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ангелоски: Македонските компании да добијат шанса за инвестирање

24.01.2023, Скопје – Македонските компании треба да добијат шанса за инвестирање со тоа што целокупниот државен апарат ќе ги обезбеди потребните инфраструктурни и процедурални услови, а постапките ќе ги направи брзи и ефикасни, истакна Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија во дебатата на емисијата „24 Анализа“.

„Домашната економија треба да ја изградиме на завидно ниво, а нејзин стожер и носител треба да бидат домашните компании. Во одреден временски период поради желбата да се привлечат странски инвестиции за да се намали стапката на невработеност која беше многу висока, домашните компании тотално се запоставија дури се случи и процес во кој тие се затвораа иако создаваа одлични производи и имаа добра поставеност, а се носеа странски компании кои добиваа екстра субвенции. Државните институции на централно и локално ниво преку политиките кои ги креираат практично треба да создадат услови за да дојде до промена на оваа стратегија и поставување на домашните компании како главен елемент на растот и развојот на економија. Странските инвестиции треба да бидат некој вид на засилување, да го дополнат тоа што е потребно или преку нив да се развиваат одредени помалку развиени региони, истакна Ангелоски.

Тој потенцираше дека недозволиво е да се чека по шест или седум години за да се донесат или променат деталните урбанистички планови за да се добие градежна дозвола за изградба фабрика или некоја друга инвестиција како и да имаме индустриски зони во кои компаниите купиле земјиште за да инвестираат и вработат луѓе, но не можат да го сторат тоа бидејќи не е изградена потребната инфраструктура.
„ Треба да се фокусираме на тоа државата и државните институции да ги направиме оперативни и редовно и навремено да ги извршуваат работните задачи кои ги имаат. Тоа ќе биде голема помош за компаниите и за стопанството. Министрите велат дека има зелена транзиција, но како тоа е возможно практично да функционира кога се бара да се обезбедат повеќе од 80 документи за да може да се инвестира во фотоволтаици“, изјави Ангелоски.

Во однос на државните институции тој е дециден дека оние кои добро работат и постигнуваат резултати треба да добиваат соодветни ресурси, додека тие кои во континуитет остваруваат загуба треба да се приватизираат или ликвидираат.

Во дискусијата се отвори и темата за зголемувањето на минимална плата, за што претседателот на Сојузот истакна дека иако ќе го подигне прагот на плати во приватниот сектор, поголем притисок ќе изврши во државниот сектор.

„Треба да се земе во предвид и тоа што минималната плата ќе предизвика инфлаторен ефект, и тоа во услови кога имаме голем раст на стапката на инфлација и кога се преземаат мерки за нејзино намалување. Поголема плата бара поголема ефективност за работната сила, а поради притисокот кој го создава како инпут во производните процеси влијае и на зголемување на цената на крајниот производ“, рече Ангелоски.