Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата Економски магазин на Алсат ТВ, зборуваше за растот на минималната плата, програмите и мерките насочени за спречување на одливот на работници во странство, капиталните инвестиции и вработувањата во детските градинки.
„Со измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, се воспостави нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата, “ посочи Тренчевска.
Таа појасни дека секоја година во месец март минималната плата ќе се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика, и тоа 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата од измината година.
Според првичните проекции, појасни Тренчевска, порастот на минималната плата ќе биде 12%-13% и ќе надмине 20 илјади денари, мартовската плата ќе биде повисока за околу 2000 денари.
Во однос на можни злоупотреби од страна на работодавачите во делот на исплата на минимална плата, министерката посочи на податокот дека, во 2022 година, имало 69 пријави за неисплатена минимална плата, упатува на поголема побарувачка и помала понуда на работници.
Во врска со членот 8а од Законот за минимална плата, кој се однесува на усогласување на колективните договори во делот на плати, растот на минималната плата со останатите плати, министерката појасни дека се работи за член кој е во преодни и завршни одредби и неговата важност е во моментот на носењето, значи важноста е завршена, зашто во спротивно ќе бил вклучен во следните измени.
Во врска со платите во приватниот сектор, министерката истакна дека, државата ги поставува минимум стандардите, а висината на платата е договорен однос меѓу работникот и работодавачот.
Министерката информираше дека, согласно податоците од УЈП, од 693 илјади работници, 89 илјади земаат минимална плата или тоа се околу се 12% од вкупниот број на работници.
На прашањето како да се спречи одливот на работници во странство, министерката се осврна на политиките и мерките на економските ресори на Владата.
„Согласно податоците на Агенцијата за вработување, 65% од евидентираните невработени се неквалификувани работници, со основно или незавршено средно образование . Таргет со Оперативниот план на програми и мерки за 2023 година се токму овие лица, кои преку, доквалификации, преквалификации, обуки, стекнување на вештини ќе станат активни работници на пазарот на труд,“ посочи Тренчевска.
Министерката истакна дека, програмите и мерките се креирани во консултација со стопанските комори и ТИРЗ зоните, затоа што овие работници се најпотребни на реалниот сектор.
Тренчевска се осврна и на капиталните инвестиции во детската заштита како и на вработувањата на стручен кадар во градинките.
„Министерството за труд и социјална политика продолжува интезивно да вложува во изградба на детски градинки, со цел намалување на листите на чекање. Во однос на сттручниот кадар во градинките, последните 5 години вработивме 3000 нови воспитувачки и негователки, посочи Тренчевска.